Утрински Весник
Македонија

Муратовска: Десеткувани капацитетите на превозниците, потребни свежи пари

Муратовска: Десеткувани капацитетите на превозниците, потребни свежи пари

Скопје, 1 април 2020 (МИА) – Како што се жртвуваат превозниците, тоа треба да го направат сите, со преземање максимални мерки на безбедност, а сите оние кои се со високи профити нека ја покажат својата хуманост и совесност и нека бидат опшествено одговорни, порачува во интервју за МИА Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцикацијата на камионски превозници Макамтранс.

Таа истакнува дека на превозниците им требаат свежи пари, затоа што коронакризата ги десеткуваше нивните капацитети, а покрај бројните проблеми на терен нивните жени и деца се отфрлаат од општеството единствено затоа што сопругот, односно таткото е возач и потенционален преносник на вирус. Со воведување зелен коридор и исполнување на условите за побрз проток на граничните премини се надева на зголемување на бројот на превози што ќе овозможи обезбедувања средства за одржување дневна ликвидност и опстанок на превозните трговски друштва во државата.

Транспортниот сектор е меѓу најпогодените од кризата со вирусот Ковид 19, но истовремено и со најголема одговорност – транспорт на стоките за граѓаните и индустријата во услови на ограничувања за движења. Како функционираат и опстојуваат превозниците на стока во овие услови?

Превозот на стока без разлика на условите не смее да се прекине затоа што е неопходно да се движат стоките и тоа приоритет имаат превози на лекови и производи за прехрана на населението. Исто така забавено со намален капацитет се врши превоз и на други производи за широка потрошувачка, репроматеријали и сл. затоа што не смее да се дозволи целосно да запре производството или трговијата на стоки , затоа што по надминување на овој тежок предизвик поставен пред сите во светски размери ќе биде многу тешко да се рестартира стопанството , а тоа значи дека се соочуваме со огромна економска криза и целосно рестартирање на стопанствата на светско ниво и по надминување на опасностите од корона вирусот Ковид-19.

Превозниците се соочуваат со голем предизвик затоа што во овие услови присутен е и стравот кај возачите , притисок кој се врши врз нивните жени и деца кои се отфрлаат од општеството единствено затоа што сопругот, односно таткото е возач и потенционален преносник на вирус, па истите одбиваат да се вратат на работа. Постојат лица со хронични болести, дијабетис, срцеви заболувања и слично кои самите работодавачи не ги ангажираат заради големата опасност по нивното здравје. Од разни причини, како и откажани договори за превоз поради затворање на капацитетите на одредени корисници на превоз, заробени возила со стока која неможе да се истовари (особено кои се наменети за Турција), забавен проток на возила , ги десеткува капацитетите на нашите превозници. Во ваквите услови голем број и од работодавачите се враќаат во улога на возач и ги вршат превозите на стока, само со единствен мотив да не запре секаква деловна активност. Превозот на стока се врши под посебен здравствен и протоколарен режим кој се дава на секој возач како прилог со специјална дозвола која се издава на име на возач по барање на превозникот. Овој режим опфаќа активности кој треба да ги преземе превозникот, односно возачот , но и сите други кои се дел од синџирот на на утовар/растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз. Секој учесник мора да ги преземе соодветните мерки како би се спречило пренесување на вирусот. Возачот е само изолиран во кабината на возилото , се движи по одредена маршута која пред се е надвор од населените места и завршува во место на утовар, односно место на истовар на стоката.

Дали се преземени доволно мерки за да се зачува здравјето на превозниците, што сметате дека треба дополнително да се направи, со оглед дека во јавноста имаше барања и за обезбедување посебни пунктови за брзо тестирање на превозниците?

Во овој период преземени се сите мерки кои треба секој сам да ги спроведува врз основа на својата опшествена одговорност, но сепак за да се спречи било каква опасност поради немарност на поединци, како мерка на безбедност и сигурност и на самите учесници во превозот идејата за брзо тестирање на превозниците во посебни пунктови кој треба да се лоцираат на граничните премини за меѓународниот превоз, додека за внатрешниот превоз и дистрибуција на стока би требало да се даде приоритет на возачите при изработка на тестови во постојните пунктови по градовите.

Што значат за нашите транспортерите и индустријата договорените зелени коридори, може ли нашиот транспорт на стока да одговори на сите потреби на стопанството и државата, како се утврдува приоритетниот транспорт?

Зелени коридори, значи воспоставување на правила за спроведување на непречен проток на стока по главните транспортни коридори низ државите членки на ЕУ и балканските држави. Пред воспоставувањето на овој зелен коридор, во паниката која ги зафати сите држави се носеа мерки со кој нехумано се постапуваше со превозниците на стока кои чекаа долго на граничните премини, незаштитени со минимални услови за одржување на хигиена, набавка на храна и сл. се формираа конвои за транзитен превоз при што имаше и немили случаи на сообраќајни несреќи при што еден возач и го изгуби животот во Србија. Со зелен коридор се воведува похуман и безбеден проток на стоките кои се неопходни за минимално одржување на функционирање на стопанските и нестопанските гранки, односно егзистенцијата на сите граѓани во светот. Во поедини држави и предходно, но со овој зелен коридор се дава предност на превоз на лекови , медицинска опрема , стоки кои се превезуваат според АДР режим (опасна стока) стоки во свежа состојба и жива стока , се со цел навреме да стасаат до крајната дестинација, особено што на секој граничен премин има долги колони од возила кои се пресметуваат во километри поради големите проверки кои се прават од аспект на заштита и спречување на ширење на вирусот.

Што покажуваат првичните проценки на штетите од кризата , може ли да направиме споредба за вклучени транспортери и работни места пред стартот на кризата и сега, и како се справувате со покривање на трошоците?

Во државата има над 1700 лиценцирани превозници кои вршат јавен превоз, но има и трговски друштва кои вршат сопствен превоз или грубо кажано има над 14.500 товарни моторни возила кои, пред се, вршат меѓународен превоз поради малата територија на државата и зависноста на нашето стопанство од дотур на стоки од странство како репроматеријали и производи за широка потрошувачка, малиот капацитет на производни капацитети и производи на финални производи, особено во земјоделството. Капацитетите на превозниците се драстично десеткувани, ова значи дека се движат мал број на возила низ територија на Европа, особено и поради затворање на голем број капацитети на стопанствата во разни држави, немање доволен број на возачи кои се решаваат да ги управуваат возилата, големите застои на граничните премини, конвоите и сл. Со воведување на зелен коридор и исполнување на условите за побрз проток на граничните премини имаме надеж за зголемување на бројот на превози што ќе овозможи обезбедувања средства за одржување дневна ликвидност и опстанок на превозните трговски друштва во државата. Засега најголем проблем има со превозите кои се вршат за или од Турција за сите дестинации низ Европа , каде над 50% од домашните превозници ја вршеја својата дејност и опстојуваа со години без разлика на еуростандардот на возилата. Турските надлежни органи воспоставија режим кој никој неможе да го исполни, а тоа е возачот да седи на меѓузона 14 дена во кабината на возилото пред да влезе на територија на Турција , односно да ангажира турски возач или туско влечно возило да ја однесе полуприколката на истовар, што значи на некој непознат да му дадеш „огромно богатство„ и да незнаеш со сигурност дека ќе ја заврши работата и ќе ти го врати возилото. Овие превозници кои исклучиво работат со турски компании ќе бидат најмногу погодени од оваа криза и можат да се соочат со банкрот .

Колку може да помогнат економските мерки од Владата, првиот и вториот сет, и кои се вашите дополнитени барања со цел да функционирате полесно?

Мерките кои ги презема Владата, благо речено нема да помогнат многу затоа што во оваа фела треба свежи пари за да се одржува тековна ликвидност, да се платат возачите кои ризикуваат и се движат по патиштата под многу отежнати услови на превоз и затоа апелиравме под итно прво да се вратат парите од ДДВ кој го побаруваат превозниците, ако се смета за минимална плата и субвенции „ефективни работни часови“ како ќе се одредат и пресметаат, ако не се зема во предвид дека превозниците имаат репрограмирање на добивките за да го обноват возниот парк, што значи немаат исплата на дивиденди и награди, ако се земе во предвид дека репрограмираните кредити или лизинг ќе бидат оптоварени со камати за грејс периодот, каква е користа и приоднесотна банките кои имаат екстра, екстра профити затоа што со години своите услуги ги наплаќаа во  проценти наместо во промили како сите ние во секое време да сме зеле кредит од кај нив , а всушност со нашите пари кои се во секоја банка и обртите што ги прават заработуваат огромни профити, а сега не сакаат ни 2-3 месеци да се откажат од својата благосостојба…. и не разбирливо е за сите нас , зошто и како Владата не донесе декрет за стопирање на наплата на камата за одреден грејс период и ние сите сме со приватен капитал како и банките и осигурателните компании кои треба да поднесат дел од товарот и да бидат општествено одговорни, а не сеуште да размислуваат како да си го обезбедат профитот покрај пропаѓањето на сите други.

Некои извршители, без совест и какво било разбирање за тешката ситуација во текот на вчерашниот ден ги активираа извршните решенија пред Владата да ја донесе мерката иако во самата мерка е наведено „оваа мерка веќе е во примена“. Со еден збор , како што се жртвуваат превозниците , тоа треба да го направат сите, со преземање максимални мерки на безбедност , а сите оние кои се со високи профити нека ја покажат својата хуманост и совесност и нека бидат опшествено одговорни.

Лидија Велковска 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Средба на Муцунски со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин

ОД ОВОЈ ПЕТОК НИ ДОАЃА ЛАДНИОТ ЦИКЛОН: Ќе ни донесе многу дожд, снег и голема снежна покривка!

Свечен настан за 30 години дипломатски односи и цврсто македонско-јапонско пријателство