Министерството за образование и наука за првпат печати учебници со Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Со помош на овие материјали за учење се обезбедува еднаков пристап во наставата за секој ученик.
Материјалите, од кои еден дел веќе се готови, се печатат на специјален печатач во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје.
„Со печатењето на учебниците за прво и четврто одделение по новата Концепција, нашите ученици ќе можат подобро да го осознаат светот, да се едуцираат и да го имаат достапен секој пишан текст на Брајово писмо. Оваа година, благодарение на министерката Мила Царовска, добивме финасии за брајова хартија и свел-тач хартија со помош на која, оваа учебна година учениците од прво и четврто одделение со новиот концепт, сме обезбедени со Брајови учебници. Би сакал да се заблагодарам и на Бирото за развој на образование што ни ги доставија учебниците во ворд документ, како би можеле ние да ги прилагодиме и испечатиме на Брајово писмо”, вели директорот на училиштето, Бобан Спасенцовски.
Дефектолог – тифлолог м-р Анита Чекановска Димитриевска, вели дека кадарот во училиштето континуирано работи и успева, оваа образовна установа да ја трансформира согласно со барањата на современите општествени текови.
„Овие промени секогаш се прават во склад со воспитно-образовните потреби на слепите и слабовидните деца и ученици, строго почитувајќи ги специфичностите на децата и младинците”, Чекановска Димитриевска.
ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје е установа којашто непрекинато 67 години освен со воспитно-образовна се занимава и со рехабилитаторска дејност.