Утрински Весник
Македонија

Многу честитки и понатаму приситигнуваат до Архимандрит Партениј за изборот за владика

Многу честитки и понатаму приситигнуваат до Архимандрит Партениј за изборот за владика

Дебар, 5 јуни 2020 (МИА) – До Архимандрит Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир и понатаму пристигнуваат честитки по повод неговиот избор за владика, односно епископ Антаниски на МПЦ-ОА.

Посакувајќи му здравје, силна вера и истрајност во задачите и предизвиците кои му следуваат, постојаните жители, како и раселените по потекло од долнореканските села Битуше и Ростуше, мијачкото село Долно Мелничани го нагласуваат непроценливиот придонес на отец Партениј за духовниот живот и за развитокот на црквите во реканскиот крај.

– Нашата радост е особено голема што тој останува да твори и да дејствува во мијачкиот крај и што останува игумен на славниот наш Бигорски Манастир на Свети Јован Претеча, за чиешто воскресение тој најмногу придонесе, стои во честитката на жителите на двете села.

Посакуваат, како што стои, Бог да му помага и понатаму со љубов да го носи крстот на нашиот народ и да го продолжи големото и важно дело за спасение на човечките души, но и плодната работа и соработка за развивање на реканскиот крај и мијачката култура.

– Ние, верниците од мијачкото и дебарско село Долно Мелничани, му честитаме на Отец Партениј, но и на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и се надеваме дека соработката на православните браќа и меѓусебната грижа ќе биде издигната на ново, уште повисоко ниво, бидејќи интересот и полето на дејствување ни се заеднички на сите, наведуваат жителите на селото.

Советот на Месната заедница од село Кнежино, кичевско каде што се наоѓа и манастирот „Св. Великомаченик Георги Победоносец“, како едно од четирите духовни светилишта под негово духовно раководство, во упатената честитка до отец Партениј за новата црковна служба од име на жителите на селото му посакува добро здравје, трпение, спокојство, љубов, но и елан и истрајност, во неговите понатамошни активности и проекти кои ќе следуваат за добробит на благочестивиот христијански народ од ова подрачје и пошироко.

Изборот го честиташе и здружението на граѓани Бигорски манастир-патот на црешовото топче од село Зубовце, гостиварско.

– Вашето удостојување со возвишениот чин епископ Антаниски соодвествува на Вашиот духовен раст и мудро духовно раководство на неколку манастири меѓу кои и Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител”, стои во честитката.

Се додава дека здружението негувајќи ја традицијата со коњанички марш по патеката по која беше пренесено црешовото топче од Бигорскиот Манастир до Крушево, во минатата деценија било и во иднина ќе биде нераскинливо поврзано со македонската духовна ризница Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. вт/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

НСДП: Една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, една гoдина лажни ветувања и изневерени очекувања

Андоновски: Секој почеток е тежок. Наследивме состојба да почнеме од минус – од хаос 

Левица: Автокамп-дивоградба во Ресен узурпира државно земјиште и незаконски наплаќа од граѓани