Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри финансиска поддршка за нашата земја, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра. Преку овој инструмент се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот Ковид-19.
-Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на COVID-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс, изјави по дискусијата на Извршниот одбор во однос на Република Северна Македонија, Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на одборот.
Како што истакнува, властите брзо одговорија со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства. Во меѓувреме, Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници кои се погодени од пандемијата.
-Владата и НБРСМ остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни. Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од COVID-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија.Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата, соопшти Канцеларијата на Стефани Ебле, регионален резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан.
Според Министерството за финансии и Народната банка, покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа запазувајќи го прудентниот пристап во управувањето со ризиците.
-ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот, се вели во заедничкото соопштение од МФ и НБРСМ.
Во рамки на комуникацијата со ММФ, дополнуваат, се потенцира посветеноста на носителите на политиките за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, и за зголемување на потенцијалот за одржлив долгорочен раст на македонската економија.
-Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата банките и понатаму да обезбедуваат финансиска поддршка на економијата, во претстојниот период, заради што е неопходно својата капитална позиција и ликвидноста да ги одржуваат на адекватно ниво, велат од Министерството за финансии и Народната банка.лв/мс/