Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Некои Резолуцијата ја поддржаа искрено, други помалку искрено, но благодарност до сите

Мицкоски: Некои Резолуцијата ја поддржаа искрено, други помалку искрено, но благодарност до сите

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува донесувањето на Резолуцијата во македонското Собрание со која јасно се оцртуваат национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, рече на денешната прес-конференција, претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Неговото обраќање следеше откако со 95 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниту еден „против“, Собранието денеска ја усвои резолуцијата за одредување на црвени линии во преговорите со Бугарија, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата, таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група“, посочи Мицкоски додавајќи дека текстот на Резолуцијата е базиран на научни темели и аргументи.

Како што кажа тој, како партија благодарни се на политичките субјекти кои искрено, но и на оние кои помалку искрено ја поддржале Резолуцијата.

„Ние сме рационални и знаеме дека зборот на власта не трае ни пет минути, но сметаме дека ваквата Резолуција како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна Влада, Претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дополни дека ваквата Резолуција, во нормални услови, требало да биде водена од власта во Македонија, а не од опозицијата.

Мицкоски порача и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена на двата клучни приоритети кои се еднакво важни и неразделни, а тоа се евроинтеграциите на Македонија и заштита на македонските национални и државни интереси.

Можете да прочитате

Тешка сообраќајна несреќа пред влезот на Клинички центар

Мицотакис: Не гласавме за договорот од Преспа затоа што со него се признава македонската нација и јазик

Петровска: Нападот на Кацарска е напад на слободата и демократијата