Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Над 1000 проекти за граѓаните, Македонија мора ја да исправиме и обновиме

Мицкоски: Над 1000 проекти за граѓаните, Македонија мора ја да исправиме и обновиме

Битола, 23 јуни 2020 

Почитувани членови на победничката Коалиција „За обнова на Македонија“,

Добре дојдовте и благодарам што сте денеска со нас,

Почитуван професоре Славески,

Почитуван професор Кедев,

Почитувани професори, соработници,

Драги битолчани,

И драги гости, што еве денеска не почестивте со вашето присуство овдека во Битола на промоцијата на победничката програма наречена „Проект – Обнова на Македонија“.

Обновата е нашата визија за промена на тешката реалност која ја живее секој еден граѓанин. Обнова која ќе донесе повеќе за секого и промени кои ќе ја направат Македонија онаква каква што сакаме да ја имаме.

Следува период на нова надеж, нов исчекор каде ќе покажеме дека не сме сите исти, и дека сме различни од нив. Проектот „Обнова на Македонија“ опфаќа мерки и планови кои се изготвуваа повеќе месеци од врвни експерти од земјава и странство, таа е базирана на директни потреби на граѓаните, кои ја синтентизираат нашата визија во работи со конкретни рокови кон кои јас како човек и мојот тим се обврзуваме дека ќе ја исполниме. Го имате мојот збор, а дадениот збор е најважната обврска врз која почива угледот и честа на секој поединец.

Обновата е нешто кое народот го бара и го чека долго време, а таа подразбира да имате контрола на својот живот, но и контрола врз заедничките судбини. Тоа значи да имате повеќе за да ви биде подобро. Подразбира нова надеж, шанса за сите, подразбира да го сакате своето, да го помните минатото, но и да се борите за иднината. Македонија мора да се промени, а таа промена која сакате да ја видите е токму ОБНОВАТА.

Знам дека многумина од народот се длабоко разочарани, и имаат причина за тоа, но тоа нема да ги промени работите, ама вашиот став и вашиот глас можат тоа да го сторат. Измамите се веќе познати, веќе видени и народот нема да дозволи

докажани лекции да се повторат и да троши енергија за нешто што е докажано дека не вреди. Секој еден човек не треба да се плаши да го промени мислењето и да поддржи нешто што вреди, а Македонија вреди повеќе од се друго.

Обновата е и обнова на духот, победа над просечноста и статус кво на политиките, обнова на институциите, обнова на вредностите. Но и обнова на идеалите, човекот верува и сонува, и тоа мора да го вратиме, и да го одржиме пламенот за нашата Македонија. Европска Македонија е возможна, и ќе се избориме заедно за неа. Не ова што го имаме денес, а тоа е обесправена, Македонија изгубена помеѓу патот на криминалот и корупцијата, во чекалницата на ЕУ далеку од можноста за пристоен живот.

ВМРО-ДПМНЕ и целиот интелектуален и експертски тим седи зад еден голем проект. Проектот како што кажав на почетокот се нарекува Обнова. Обнова со над 1000 проекти за секого. Главниот фокус на „Проектот обнова на Македонија“ се економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна, повеќе пари за секого. Ние мораме преку реиндустријализација и константен економски развој да постигнеме стандарди базирани на вредности. На народот потребни му се пари, наместо демагогија, а на државата работа и резултати, наместо неспособност и порази.

Нам не ни се потребни мали придвижувања, туку големи чекори напред и големи победи. Затоа се обврзуваме на раст на БДП од минимум 4% секоја година, невработеност под 10%, повисоки плати за минимум 25%, ниски даноци, најниски во Европа од 8%, воведување на реиндустријализација која ќе донесе повеќе пари за секого. И верувам и знам дека Македонската економија можеме да ја направиме да биде прва на Балканот.

Обнова која носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес заедно со нас на нозе се креваат, се креваат и креваат глава гордо, високо, и се исправаат!

За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци, тие да студираат на барем еден македонски универзитет кој што ќе биде во првите 1000 на Шангајската листа, студентскиот стандард ќе биде сериозно зголемен, и ќе бидат обезбедени серија на мерки кои значат повеќе можности за секој еден од нив. Мора да си ги вратиме децата во нашата земја. Да ги наполниме испразнетите градови и села. За образовните работници, наставниците и професорите ќе извршиме усогласување на платите со Колективниот договор во образованието, за просветните работници во основното и средното образование личен доход од 36.000 денари месечно, за вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања. Ќе обезбедиме целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, ќе одвоиме 4 милиони евра за претприемачка иницијатива на млади и одвојување 1 денар од акцизата на нафтените деривати во малопродажбата. Овие средства ќе се користат за развој на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот познат како спортски денар.

За земјоделците ќе обезбедиме повеќе пари, субвенции во износ минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп. Нов концепт во земјоделието, едноставни и брзи процедури, 80 милиони евра за нови водоводни мрежи за еден мандат, кредитен револвинг фонд за откуп на земјоделски производи, повеќе од 50% покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.

Битола е град на културата, на револуцијата и на македонскиот копнеж. Ќе го вратиме сјајот во Битола. Ќе овозможиме обнова преку подобри услови за живот, ново автопатско поврзување на Битола со Скопје преку Прилеп и Велес преку изградба на автопатот кој што е планиран во проектот Обнова на Македонија, од Скопје преку Велес, Прилеп до Битола и границата со нашиот јужен сосед. Гасификација на Битола, но вистинска гасификација, не онаа која што е ветувана со години а никогаш не е испорачана. Бесплатен приклучок за секое семејство, пола од трошоците за енергетска фасада и прозорци покриени од државата, ревитализацијата и модернизацијата на рударско-енергетскиот комбинат во Битола, за почист воздух во Битола, модернизација на фудбалскиот стадион во Битола, осовременување на културните установи во Битола и многу други проекти и содржини. Културата и поддршката на туризмот и младите ќе биде нашиот фокус, но што би зборел јас во културата повеќе од еден Игор Дурловски кој што е носител на изборната листа на победничката коалиција За Обнова на Македонија во изборната единица 5.

Голем поздрав до професорката Ганка Самоилова Цветанова која што исто така има оставено големо внимание во културата. Голема поздрав до Зоран Љутков, Претседателот на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, еден искусен актер кој што исто така има оставено големо влијание во културата и останатите културни работници кои што денеска се со нас.

Народот на Македонија дава постојано за оваа земја цели 30 години. Сега е време Македонија да ви врати. Вие никогаш до сега не ја разочаравте Македонија, а сега Македонија не смее да ве разочара вас.

За да ги менуваме работите мора да имаме сон. Јас тој сон со сета моја сила ќе се трудам да го остварам. Имаме стратегија, план и конкретни чекори, и имаме срце и знаење за големи чекори. Македонија ќе се исправи и мојата генерација мора да успее.

Вистински ќе помогнеме да се смени она што со децении ве мачи. Сега e време на одлуки. Време е да ја видиме Македонија каква ја сакаме и заслужуваме. Судбината е во рацете на народот.

Македонија во која ќе има нула толеранција спрема корупцијата и криминалот, држава во која сите ќе бидат еднакви пред законот, и ќе нема некои кои се пред другите.

И сосема на крај, сакам да се заблагодарам на ангажманот на професорот Славески, на Николов, професорот Лазаров, професор Кедев, комисиите на ВМРО-ДПМНЕ, стратешки соработници сите оние кои што учествуваа во изготвување на оваа дело наречено проект за Обнова на Македонија.

Успехот е резултат на правилен избор на повеќе одлуки и подразбира многу работа, решавање на многу предизвици. Можете да ја прифатите тешката реалност, но можете и да ја промените. Вашиот глас ја носи промената, а изборот е јасно и гласно обнова.

Обновата доаѓа и обновата победува!

Ви благодарам и да сте ми живи и здрави!

 Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!