ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на следниот месец ќе започне собирање на потписи за укинување на законот за попис, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На седница на Извршниот комитет, партијата вчера ја разгледала процедурата која ќе започне со иницијатива од 100 пописи во подрачните единица на Државната изборна комисија.
„Откако ќе се соберат 100 потписи потоа се доставува до спикерот во собранието кое што понатаму до матична комисија, законодавно – правна комисија ја препраќа таа иницијатива и откако ќе се констатира комплетноста на првичните сто потписи тогаш се известува спикерот во собранието кој што понатаму го известува предлагачот но и претседателот на владата кој што пак понатаму ја доставува во рок од 20 дена иницијативата до подрачните одделенија на Државната изборна комисија и процесот на собирање на потписи започнува, така што во текот на утрешниот ден ќе ја започнеме оваа постапка. Очекуваме формално собирањето на потписи да започне таму некаде почетокот на следниот месец бидејќи такви се законските процедури“, рече Мицкоски по средбата со занаетчиите во Старата Скопска чаршија, одговарајќи на новинарско прашање.
Опозицискиот лидер потенцира дека во меѓувреме, пописот е одложен во Хрватска, Бугарија, Србија, Германија, Романија поради состојбата со коронавирусот.
Мицкоски повтори дека пописот, доколку веќе власта инсистира да се спроведе, најдобро би било да биде електронски за да се заштити здравјето на граѓаните.
За комбинираниот попис, Мицкоски нагласи дека тоа е кованица на премиерот Зоран Заев, којашто и нему сигурно не му е јасна.
„Под комбиниран попис претпоставувам мисли дека ќе дојде попишувачот и матичниот број ќе го внесе во системот, па таму ќе се споредува со определени бази на податоци и врз основа на таа споредба ќе се добијат конечните резултати. Но, повторно мора дома некој да ви тропне и физички да присуствува додека вие го читате Вашиот матичен број и останатите параметри кои се Ваши лични податоци“, рече Мицкоски.