Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието, напиша на социјалните мрежи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на гласањето на доверба на Владата, на кое пратениците од неговата партија не присуствуваа.
Сепак, Мицкоски апелира до граѓаните да бидат спокојни, посочувајќи дека најдоброто од нашата земја допрва доаѓа.
„Заев е мафијаш, тоа е дел од неговиот карактер. Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за недоверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби“, порачува Мицкоски, додавајќи дека премиерот се обидел да ја искористи состојбата со неговата изолација поради Ковид-19, но како што вели, тоа нема да го спаси од паѓање на Владата.
„Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид-зараза тие денови ќе поминат“, нагласува претседателот на опозициската партија.
Мицкоски порачува дека тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата.
„Но тогаш сите актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро“, стои во објавата на „Фејсбук“.