Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Ѓорче Петров порача дека по 15 јули ќе се стави крај на криминалците и ќе бидат донесени многу проекти кои ќе бидат од корист на граѓаните.
– На власта, кожните фотелји, дебелите персијанци, долгите лимузини и беа приоритет. Бидејќи така сакавте, така и ќе завршите. На 15 јули ќе ве пратиме на темната страна на историјата и жестоко ќе ве победиме. Оваа коалиција, овој народ овде има да ви покаже како се љуби татковината, како се сака Македонија. Обединет, сплотен Македонецот, Албанецот, Босанецот, Турчинот, Ромот, Влавот, Србинот, сите еден до друг ќе се борат за својата Македонија, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека македонскиот народ ќе се бори за подобра Македонија, за која секој еден сонува.
– Сакам да кажам неколку реченици и за она што можеа, бидејќи нели е таков слоганот на оваа власт, велат можеле. Јас би рекол „Можевте“, а тоа е минато завршено време. А, што можевте? Можевте да работите, можевте наместо да го понижувате, омаловажувате овој народ, наместо да ја парчите, распарчувате, делите и осрамотувате нашата држава, нашата татковина. Можевте да ја направите горда, достоинствена, почитувана, сакана дома а почитувана во светот. Но не, вие тоа не го направивте. Вие тоа не сакавте да го направите, затоа што за вас поважен беше грст од жолтици, привилегии, луксуз, на грбот на овој напатен народ. Тоа беше за вас поважно. Можевте многу повеќе да работите, можевте и навистина ако работевте тие 500 евра просек плата да ги донесете. Но не, вие не ги донесовте, затоа што за вас беа поважни Луј Витон ташните, истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека оваа власт многу ветувала на пензионерите, земјоделците, студентите, но за жал ништо не остварила и поради тоа „ќе ја стаса казната на 15“ јули“’.
– По 15 јули јас ви ветувам во првите шест месеци секој кој што се огрешил пред законот и пред Уставот ќе биде процесуиран, јас ви ветувам. Да го знаете ова, кажете им, правда и закон мора да има во оваа држава. Од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, нема веќе привилегирани политичари. Нема веќе да има привилегирани семејства. Секој кој што се огрешил, секој има да одговара, вети Мицкоски на граѓаните.
Мицкоски истака дека по 15 јули „ќе започне обновата на Република Македонија, ќе се вратат насмевките на граѓаните, ќе се врати оптимизмот“.
– Во „Проект – Обнова“ има за секого по нешто. Таму има и 25 отсто зголемување на просечната плата во еден мандат, има и 20 проценти зголемени пензии во еден мандат и враќање на старото законско решение. Таму има минимум 1.000 километри реконструирани патни правци локални и регионални. Таму има повеќе од четири милијарди евра инвестиции, домашни и странски. Таму има најнизок данок, најнизок данок во Европа од осум отсто, да им покажеме како се полни буџетот, но не на товар на граѓаните, не на товар на народот, туку на товар на додадената вредност која што ќе ја направиме во економијата. За секој оној кој што ќе вработи човек до 29 години нула проценти данок за интегриран здравствен систем од четири клинички центри, нагласи Мицкоски. см/сп/