На денешната седница на Собранието се обрати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Никола Мицевски.
Мицевски истакна дека „СДСМ и Зоран Заев се навикнати да функционираат така што ќе се закануваат на неистомислениците насекаде низ државата, па така денеска и јавно во Собранието Зоран Заев се закани на опозициски пратеници“.
„Скандалот е уште поголем поради тоа што и претседателот на Собранието е на страна на претседателот на владата Зоран Заев и му дозволува јавно да се заканува на опозициски пратеници, што наликува на начинот на работа во Северна Кореја. Зоран Заев како претседател на владата треба да се занимава со ветените проекти, проекти кои народот чека да се испорачаат и реализираат, а не да отвора сомнеж или да вели дека за одреден пратеник има индиции за криминал. Во Република Македонија постојат институции кои се надлежни за испитување на таквите индиции доколку навистина постојат, но за жал, очигледно е дека Зоран Заев е човекот кој е и судија и кадија во државата.
На јавноста и е добро познато дека адвокатот на премиерот се среќава со судии надвор од судските инстанци и донесуваат одлуки кои се донесуваат во приватни дружби, но тоа не смее да биде ветер во грб на претседателот на Собранието и истиот да не го заштитува интегритетот на сите пратеници во Собранието“, додаде тој.