Скопје, 27 февруари 2020
За само две години откако СДСМ ја предводи Владата, во периодот од 2017 до 2019 година просечната плата е зголемена за над 3.000 денари, додека за времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ просечната плата растеше по околу 850 денари на секои две години. Тоа го покажуваат податоците, според кои просечната плата во периодот од 2013 до 2015 година е зголемена за 851 денар, додека во периодот од 2015 до 2017 година за 842 денари, потенцираше Јован Митрески, пратеник од СДСМ на синоќешната дебата на емисијата „Економски магазин“, на Телевизијата Алсат М.
Тој нагласи дека заклучно со декември 2019 година СДСМ преку успешни мерки и политики постигна просечна плата од 450 евра.
-Очекувам дека податоците заклучно со февруари ќе покажат значајно покачување на просечната плата, бидејќи резултати ќе даде и мерката за субвенции на придонесите за покачување на платата. Според последните податоци, околу 10 илјади фирми побарале субвенции за придонеси за покачување на плати, што опфаќа околу 110 илјади вработени во тие фирми, нагласи Митрески.
Тој потсети на повеќе мерки кои обезбедија повеќе пари кај граѓаните, како што е враќањето на евтината тарифа на струјата, но и зголемувањето на минималната плата прво на 12 илјади дена, а потоа и на 14.500 денари.
-Со зголемувањето на минималната плата во текстилната, кожарската и во индустријата за обувки имаме зголемување на минималната плата од 5.500 денари. Тоа за работниците во овие дејности значи дополнителни 1.100 евра годишно. Ја зголемивме платата во сите сектори, кај социјалните работници 6.700 денари за две и пол години, кај воспитувачките за 5.500 денари. Во образованието основната плата беше 20.600 денари, сега е 24.900 денари, тоа е скок за две и пол години којшто не се случил во 11 години. Од 2009 до преземањето на власта од страна на СДСМ платата во образованието беше зголемена за само 825 денари, сега е зголемена за 4.200 денари, констатираше Митрески и додаде дека социјалната помош е зголемена за преку 300 проценти, зголемен е и опфатот на детскиот додаток, а воведена е мерката социјалната пензија од 6000 денари.
-Ја воведовме мерката „Мој ДДВ“ и веќе шести месец над 5 милиони евра се враќаат кај граѓаните и тоа има двоен ефект. И граѓаните добиваат пари, но и се зголемува наплатата на ДДВ, односно се намалува даночната евазија. Во земјоделието 424 млади фармери добија неповратен грант од 10 илјади евра, сега тој грант е зголемен на 20 илјади евра. Во делот на здравството, ги укинавме квотите за лекови, сега во текот на целиот месец има лекови, нема веќе домашни аптеки, додаде Митрески на синоќешната дебата на Телевизијата Алсат М.
Тој изрази задоволство од работата на Собранието во изминатиот период. Како координатор на пратеничката група на СДСМ потсети дека пратениците дале активен придонес во подготовката на законски проекти кои директно значеле реализирање на Програмата на СДСМ од 2016 година.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.