Утрински Весник
Свет

Министрите на Г7: Силно ги осудуваме руските злосторства во Буча и другите градови

Министрите на Г7: Силно ги осудуваме руските злосторства во Буча и другите градови

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Г7 ги осудија, како што ги нарекуваат, злосторствата извршени од руските сили во Украина и изјавија дека сторителите ќе одговараат.

– Ние, министрите за надворешни работи на Г7 на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД и високиот претставник на Европската Унија, силно ги осудуваме злосторствата извршени од руските вооружени сили во Буча и голем број други украински градови – се вели во заедничкото соопштение.

Тие велат дека ужасите во Буча ќе бидат на листата на тешки злосторства и кршење на меѓународното право.

– Сликите на убиени цивили, жртви на тортура и егзекуција, извештаи за сексуално насилство и уништување на цивилна инфраструктура го покажуваат вистинското лице на бруталната војна на Русија против Украина и нејзиниот народ. Ужасите во Буча и други украински градови ќе бидат вклучени во списокот на злосторства и тешки прекршувања на меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право и човековите права, извршени од агресорот на украинска територија – се наведува во заедничкото соопштение.

Министрите рекоа дека се подготвени да обезбедат дополнителна помош за Украина, вклучувајќи воена опрема и финансиска помош.

Тие рекоа дека се убедени оти Русија треба да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, што ќе биде предмет на гласање.

Можете да прочитате

Кина повторно воведe портокаловo ниво за опасност од дождовни бури

Еден загинат, 11 повредени во судар на воз и туристички автобус во Русија

Поради екстремната жештина во Португалија за една недела умреа речиси 300 лица