Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера и денеска во Брдо, Словенија учествува на Конференција на министри на земјите кои се дел од процесот Брдо.
Како што соопшти МВР, темите на конференцијата се „Регионална соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе“ и „Превенција и истрага на сексуална експлоатација на деца преку интернет“.
– Детската експлоатација е глобален проблем, кој има развиено многу форми на застапеност, од работа во домашни услови на деца, деца војници, регрутирање и вклучување деца во вооружен судир, сексуална експлоатација и порнографија, употреба на деца за криминални активности, вклучително и продажба и дистрибуција на наркотици и вклучување на деца во штетна или опасна работа, потенцирал Чулев.
Според Чулев, секоја од овие форми на експлоатација заслужува да добие посебно време и внимание.
– Денес се посветуваме на една мошне специфична и за жал честа, широко распространета и општо земено светски присутна форма – сексуалната злоупотреба или сексуална експлоатација на деца. Верувам ќе се сложиме сите дека станува збор за кривично дело од најтежок облик за кое треба внимателно подготвена превенција со цел спречување да дојде до негова појава, а доколку веќе дојде, тогаш е неопходно потполно сузбивање, искоренување, а при тоа максимално казнување на сторителите, рече Чулев.
Во рамки на втората сесија, Чулев нагласил дека трговијата со луѓе е комплексна појава за која се неопходни активности на превенција, сузбивање и казнување на сторителите.
– Во оваа насока, а свесни за фактот за ранливоста на популацијата која пред некое време транзитираше долж Западно-балканската рута на движење, државата најде соодветен механизам да дејствува навремено. За таа цел, изработени се Индикатори за идентификација на жртви на трговија со луѓе во случаи на мешани миграциски движења, како и Стандардни оперативни процедури за постапување со непридружувани деца-странци и со ранливи категории на лица странци. Овие документи одиграа важна улога и сѐ уште се користат како помошна алатка на одговорните лица кои доаѓаат во контакт со претпоставени жртви на трговија со луѓе со цел преземање мерки за нивна понатамошна формална идентификација, упатување и обезбедување соодветен третман, со што донекаде се ублажуваат негативните последици од ситуацијата во која западнале, посочил министерот Чулев. мд/скс/