Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, денеска на прес-конференција во Владата ги презентираше постигнатите резултати во првите сто дена од неговиот мандат.
Тој посочи дека веќе во првите денови од стапувањето на функцијата се соочил со сериозен предизвик бидејќи корона-кризата доведе до пореметување на пазарот на грозје и вино во светот и кај нас.
„Винариите изјавија дека имаат залихи непродадено вино и намален интерес за откуп. Оваа состојба дополнително ја влошија неповолните климатски услови кои предизвикаа да се намали квалитетот на грозјето, а со тоа и ниски откупни цени. Успеавме да извлечеме максимум од ситуацијата и соинтервентни мерки на државата, го спасивме домашното производство на грозје и ја неутрализиравме кризата во винската индустрија“, истакна ресорниот министер.
Како едно од најголемите достигнувања во првите 100 дена од мандатот, тој го посочи започнувањето на тендерската постапка за Слупчанска брана.
„На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата одобри тендерска постапка за изградба на брана на Слупчанска река и за истото веќе се обезбедени средства. Инвестицијата ќе се реализира во рок од 4 години со вкупна вредност од околу 22 милиони евра“, рече Хоџа додавајќи дека станува збор за најголемата капитална инвестиција што ќе се реализира во Општина Липково.
Министерот нагласи и дека Македонија и Албанија прават чекор напред во соработката со создавање на потполно бесплатен коридор за циркулација на земјоделски производи.
„На 2 декември во Струга, потпишана е Спогодбата за заедничко одржливо управување со риболовот во Охридското и Преспанското Езеро помеѓу Албанија и Северна Македонија. Со примената на оваа Спогодба двете страни се согласни и се обврзуваат на одржливо користење и заштита на рибниот фонд, борба и елиминација на нелегален риболов и криумчарење“, нагласи Хоџа.
Тој истакна дека напредокот на економијата, земјоделството и руралниот развој се едни од клучните елементи во пристапувањето на Република Северна Македонија кон Европската унија.
„Ниту една земјоделска култура неможе да се произведе во доволно големи количини без модерна механизација. Токму затоа, заедно со Платежната агенција, доделивме 540 договори за набавка на трактори. Дополнително, како мотив за вклучување на се повеќе млади земјоделци, заедно со премиерот Заев, ги доделивме првите договори за поддршка до 20 илјади евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на млади земјоделци до 40 години. Вкупно 265 апликанти кои ги исполнија условите и одлучија да инвестираат во оваа значајна економска гранка, ќе ја добијат нашата поддршка. Вкупната вредност на оваа мерка е 3,1 милиони евра. Сите одобрени апликации добиваат до 20 илјади евра неповратни средства за реализација на предложените инвестиции, за разлика од минатата година кога износот беше помал до 10 илјади евра. Ние како институција ќе ги следиме во целокупниот процес, за тие да можат да се развиваат“, изјави министерот за земјоделство.
Тој најави дека земјоделството и руралниот развој ќе бидат поддржани со годишна финансиска поддршка од 150 милиони евра.
„Ќе обезбедиме услови за порентабилно земјоделско производство, преку зголемување на кофинансирањето на трошоците за набавка на зелена нафта. Ќе го продолжиме процесот на консолидација на земјоделското земјиште, ќе ги мотивираме младите земјоделци до 40 години со доделување на грантови до 20.000 евра и двојно ќе ја зголемиме поддршката за жени земјоделки до крајот на 2024 година, од сегашните 3.000 на 6.000 евра“, кажа Хоџа додавајќи дека ќе продолжи и редовната и неселективна исплата на субвенциите.