Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Хроничните пациенти со ревматски заболувања спаѓаат во групата на високоризични пациенти и поради тоа треба да бидат во домашна самоизолација, а при контакт со други лица да ги преземат препорачаните заштитни мерки и да носат заштитна маска и ракавици, соопшти денеска Министерството за здравство.
Како што се наведува во соопштението на Министерството, станува збор за пациенти со некротизирачки васкулопатии, системски еритемски лупус, дерматомиозитис, системска склероза, како и пациенти третирани со биолошка или комбинирана имуномодулаторна терапија.
-Во услови на пандемија со коронавирусот, хроничните пациенти со ревматски заболувања спаѓаат во групата на високоризични пациенти. Поради високиот ризик, овие пациенти треба да бидат во домашна самоизолација, а при контакт со други лица да ги преземат препорачаните заштитни мерки и да носат заштитна маска и ракавици, информира Министерството за здравство.
Во однос на здравствената сотојба на основното ревматско заболување, на овие пациенти Министерството за здравство им препорачува да консултираат матичен лекар и специјалист ревматолог кој им ја следи состојбата.
-За сите потребни стручни консултации, пациентите како и нивните матични лекари може да се обратат на Клиниката за ревматологија на контакт телефонот: 02 3 147 110 и на мејл дресата bio.revmatologija@gmail.com. На оваа мејл адреса матичните лекари можат да испраќаат и резултати од извршени анализи и испитувања на пациентите за дополнителна консултација со Клиниката. Тие ќе бидат разгледани од страна на специјалист ревматолог и доколку е потребно ќе биде дадена соодветна дополнителна препорака, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.бт/са/