Утрински Весник
Македонија

МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс кој треба грижливо да го собираме

МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс кој треба грижливо да го собираме

На денешниот видео настан организиран од Фондацијата „Информација и заштита на природата” (ФИЗП), Подружница во Република Северна Македонија во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) се презентираа резултатите од проектната активност „Заштита на диви видови растенија кои се собираат за трговски цели”.

Проектната активност има за цел да се направи оценка на состојбата и да се идентификуваат расположивите количини за одржливо користење на мечкино грозје (Аrctostaphylos uva-ursi), растение кое интензивно се собира од природата.
Споредено со развиените западно-европски земји, Северна Македонија има богата биолошка разновидност, поради различните климатски услови присутни на оваа релативно мала територија, како и самата положба, но и добро зачуваните природни екосистеми. Има повеќе од 700 видови лековити и ароматични растенија (ЛАР) од кои најчесто се користат околу 220. Околу 75-80% од лековитите растенија и бобинки во Република Северна Македонија, како и во повеќето балкански земји, се собираат од природата. Дел од ова природно богатство е од голема важност и за локалната економија, бидејќи повеќе од 50 000 семејства или 200 000 луѓе (просечно четиричлено семејство) имаат дополнителен приход од нивно собирање. Дури една четвртина од локалното население може да живее од споредните шумски производи, ако тие се обработуваат во близина на местото од кое се собрани.

Мечкиното грозје се смета за едно од највредните диви растенија и за природата и за локалната економија. Во Република Северна Македонија тоа не е опфатено во Листата на строго заштитени и заштитени диви видови и не е под забрана за собирање. Популацијата на мечкино грозје во Република Северна Македонија е единствениот извор на оваа суровина во регионот. Во сите соседни земји е заштитен вид и е забранет за комерцијално собирање. Економски развиените западни членки на ЕУ, одамна, толку многу го оштетија нивниот биодиверзитет што скоро нема што да се собере од дивината. Германија, Италија, Франција и други увезуваат билки, печурки, бобинки, лишаи од нашиот регион и ги преработуваат со што се создаваат работни места за нивните луѓе и индустри. Сепак, тие немаат проблеми со зачувување на дивите живеалишта на тие растенија бидејќи традициите за собирање скоро исчезнаа и нема притисок врз дивите живеалишта. Од оваа причина во ЕУ не постои посебно законодавство кое се грижи за зачувување на лековити растенија, габи и сл. Затоа Балканските земји не можат да се потпрат на Европската Комисија бидејќи старите земји-членки немаат такви проблеми.

Искуствата од соседна Бугарија кажуваат дека е наша одговорност, на владите и луѓето од нашиот регион да го развиеме и спроведеме нашето национално законодавство кое ќе ги зачува вредните видови кои воедно се важни ресурси за локалниот економски развој. Во таа насока препораките се Северна Македонија да има свои системи на рано предупредување, контрола, санкции и поддршка за одржливо користење на ресурсите на диви растенија кои се собираат од природата.

На настанот се презентираа заклучоци и препораки во корист на зачувување и одржлива употреба на мечкиното грозје. Главното укажување беше дека природните ресурси не растат во неограничени количини и потребна е заедничка акција од сите инволвирани институции во нивната одржлива употреба. Во таа насока, беше спомената кампањата за подигнување на јавната свест под мотото „Грижливо собираме”, спроведена во рамките на истиот проект.
Настанот иницираше дискусија на различни заинтересирани страни како најефикасно да се подобри заштитата на дивите видови растенија кои се собираат за трговски цели.

Проектна активност се имплементира во рамки на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање за користење на земјиштето”. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), се спроведува преку УНЕП, главен партнер и корисник е МЖСПП додека локален партнер во спроведувањето на оваа проектна активност е Фондацијата „Информација и заштита на природата”- ФИЗП, Подружница во Република Северна Македонија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

Сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива по една коловозна лента

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје