Без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана, на сите родители најважно им е децата да се здрави и сигурни, покажува анализата на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од амбасадата велат дека целта на анализата била да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи според нив, клучно е истите да бидат земени во предвид при носење било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември.
Во период од 22.07.2020 година до 03.08.2020 година, „Меѓаши“ спроведе квантитативно онлајн Истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година.
Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите/старателите имаат различни ставови по прашањето за каков тип на настава се од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата.
Истражувањето беше реализирано врз основа на Анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, преку интернет, во периодот од 22.07.2020 до 03.08.2020, и истата го опфати мислењето на 1003 испитаници.
„ Квантитативното онлајн Истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година, даде резултати кои претставуваат еден вид глас и пораки од родителите и старателите на децата вклучени во основното и средното образование. Во рамки на истражувањето се добија оформени квантитативни и квалитативни оцени за: ставовите и мислењата на родителите/старателите за приоритетните потреби и интереси на децата во контекст на образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година; ставовите и искуствата на родителите/старателите на децата-учениците во основното и средното образование во РМ поврзани со одвивањето на наставата од далечина во периодот март – јуни, 2020 година; за ставовите и очекувањата на родителите/старателите за начините и методите на вклучување на нивните деца во образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година. Воедно се обезбедија соодветни информации и препораки, формулирани врз основа на индикативните наоди кои можат да послужат на чинителите и носителите на одлуки во образовниот процес, како поддршка во донесувањето на одлуки за методите на организирање на образовниот процес на децата во новата учебна 2020/2021 година; при тоа приоритетно акцентот треба биде на потребите и интересите на децата“ велат од „Меѓаши“.