Утрински Весник
Македонија

Мерки и препораки немаше, ветерот и врнежите ги расчистија високите концентрации на ПМ 10

Мерки и препораки немаше, ветерот и врнежите ги расчистија високите концентрации на ПМ 10

Ветерот и врнежите ги расчистија високите концентрации на ПМ 10, кои минатата недела беа регистрирани во неколку градови во земјава. Загадувањето во Скопје, Кавадарци, Куманово и Битола неколку денови по ред беше со екстремно високи концентрации на ПМ 10 кои ги надминуваа праговите на информирање и алармирање. И покрај тоа, заради поволната временска прогноза, Министерството за животна средина одлучи да не дава препораки и мерки, туку да почека времето да се расчисти.

Во Скопје, минатата недела најголемо загадување регистрира мерното место Лисиче, 205 и 219 и 215 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички на 20, 21 и 22 јануари, додека пунктовите Гази Баба и Ректорат, кои традиционално покажуваат сериозно високи вредности на ПМ, во моментов не работат. Денеска, концентрациите на ПМ 10 во Лисиче, како и на сите други мерни места во Скопје, се многу под нивото на дозволените концентрации и се движат околку 20 микрограми на кубен метар.

Во Битола, мерното место Битола 1 два дена по ред покажа вредности над 100 микрограми на кубен метар ПМ 10, што е прагот на информирање, додека Битола 2 измери 180 и 197 микрограми. Во Куманово во текот на три дена беа измерени 177, 190 и 169 микрограми ПМ 10, додека во Кавадарци загадувањето два дена по ред било 175 и 173 микрограми. Освен во Кавадарци, каде што денеска се измерија околу 68 микорограми ПМ 10, во другите градови воздухот беше чист.

Сериозните концентрации на ПМ 10 во воздухот, беа причина граѓанската организација О2 Иницијатива да побара соодветен одговор од институциите и да апелира до Министерството за животна средина и општините да преземат мерки за заштита на граѓаните. Според екологистите, препораките и мерките при надминат праг на алармирање за PM10 честички треба да се на сила кога концентрациите надминуваат 163 µg/m3 во текот на два последователни денови. Од О2 Иницијатива се незадоволни што Скопје се третира поинаку од другите градови и се бара високи концентрации на најмалку две позиции, а во моментов дел од мерните места не функционираат. Тоа значи дека и покрај тоа што во Лисиче минатата недела многу тешко се дишеше, Скопје не беше кандидат за мерки за заштита од загадување.

Од Министерството за животна средина потврдија дека нивниот мониторинг систем регистрирал надминувања на вредностите на ПМ 10 над прагот на алармирање во трите градови, но сепак одлучиле мерки да нема. Причина за тоа е поволната временска прогноза која најавуваше ветер и врнежи, кои викендот го расчисија воздухот.

„Процедурата на донесување на препораки и мерки во услови на надминување на праговите секогаш вклучува и извештај од Управата за хидрометеоролошки работи, кој се прави специјално за подрачјата кои се засегнати од високите вредности. Доколку прогнозата за следните денови покажува стабилно време, тогаш Министерството ги донесува препораките и мерките. Во случајот, во петокот е побарана е прогноза од УХМР и таа покажа услови за врнежи и умерен до засилен ветер, заради што беше одлучено мерки нема нема“, посочуваат од Министерството.

Минатата недела Општината Битола, еден од позагадените градови, апелираше до своите жители да го користат јавниот превоз, а доколку немаат голема потреба, возилата да ги остават дома. Локалните власти препорачаа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтатички материјал, а печките на дрва да се користат правилно. Општинарите потсетија и на препораките од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација, деца,стари лица,болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Од ноќеска поскапуваат сите горива – РКЕ со нова одлука

Таравари: Функционери на ДУИ се повикуваат во обвинителствата, наскоро ќе се види кои се тие

ФЗО ја алармира јавноста: Граѓани добиле лажни пораки за рефундации