Утрински Весник
Македонија

Мемети за МИА: Законот за социјална заштита на одредена категорија граѓани им создаде главоболки

Мемети за МИА: Законот за социјална заштита на одредена категорија граѓани им создаде главоболки

Скопје, 17 април 2020 (МИА) – Ако се суди според бројот на поднесените претставки до Народниот правобранител нема голема разлика во однос на состојбата со човековите права во текот на минатата година и во 2018. Омбудсманот Иџет Мемети, во интервју за МИА, истакнува дека поголемиот дел на преставките во 2019 година се за работата на правосудните органи во држaвата. Но, исто така наведува дека изминатата година, за разлика од претходните години има зголемување на бројот на преставки за социјалната сфера, здравствената заштита, детските права, а во делот на дискриминацијата има зголемување на преставките за мобинг.

Како причина за зголемување на поплаките во областа социјала тој го наведува новиот Закон за социјална заштита, за кој вели дека на одредени категории граѓани, наместо да им ги унапреди правата им создал дополнителни главоболки. Мемети нагласува дека заради неажурното работење на центрите за социјална работа во поглед на преведувањето/усогласувањето на правата од социјалната заштита голем број од нив останале без заштита од повисоките инстанци, а со тоа и без социјална помош, иако тоа им е единствен извор за живот.

Мемети во интервјуто за МИА нагласува дека во услови на прогласена вонредна состојба, определени мерки во вид на забрани се неизбежни. Сепак, додава тој, има посебни тимови од заменик народен правобранител и советници кои редовно ги следат уредбите на Владата со законска сила и со свои предлози, мислења интервенираат заради што поголемо и посеопфатно почитување на човековите права.

Народниот правобранител упати апел до властите при донесувањето на сите мерки да се внимава на човековите слободи и права, и ограничувањата да бидат само со цел превенирање и заштита на здравјето на граѓаните. Исто така апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, за да можеме што побрзо да се вратиме на она што се нарекува нормален  живот, и веднаш кога ќе се процени дека е тоа можно, ограничувањата постепено да се укинуваат.

Мемети за МИА нагласува дека до овој момент никој не се пожалил на однесувањето на полицијата при спроведувањето на полицискиот час.

Тој во интервјуто за МИА говореше подетално за содржината на извештајот, за состојбата со правата на затворениците и притворениците, за начинот на кој институциите постапуваат по препораките на Народниот правобранител.

Вонредната состојба поради Ковид-19 одложи многу настани во државата, меѓу кој и јавното објавување на извештајот на Народниот правобранител за 2019 година. Овој документ сега е достапен на вашата веб страна. Пред да ни одговорите за податоците на извештајот кажете ни дали има претставки по однос на забраните што се воведени поради коронавирусот? Дали сметате дека со тоа се повредени основните човекови слободи и права?

– Состојбата со корона вирусот одложи многу настани во државата. Сепак, извештајот на Народниот правобранител за степенот на почитувањето на човековите слободи и права во изминатата 2019 година  во законски предвидениот рок го доставивме до Собранието и јавно е достапен односно објавен е на нашата веб страница www.ombudsman.mk.

Во услови на прогласена вонредна состојба, определени мерки во вид на забрани се неизбежни. Од друга страна, има посебни тимови од заменик народен правобранител и советници кои редовно ги следат Уредбите на Владата со законска сила и со свои предлози, мислења интервенираат заради што поголемо и посеопфатно почитување на човековите права.

Оттука, важно е да се следат воведените забрани, околностите поради кои, или под кои се воведени истите, при што особено треба да се има предвид  целта поради кои се воведуваат. Во случајот се работи за заштита на здравјето на целокупното население, што значи се однесуваат  подеднакво за сите, се применуваат кон сите, со одредени оправдани исклучоци, а се предложени од стручни лица кои ја разбираат оваа проблематика (епидемиолози, инфектолози), кои пак, се согласни дека единствен начин да се спречи ширењето на вирусот е превенцијата.

Сметам дека досега преземените мерки се оправдани и го поздравувам начинот на кој се справува Владата со ова прашање.

Во контекст на погореизнесеното да ве известам дека веднаш по воведувањето на ограничувањата ние до Владата интервениравме со доставување на две информации кои содржат  повеќе препораки, и истите заради транспарентност се објавени и на нашата веб страница.

Накратко, во првата, која се однесува за заштитата на правата на лицата лишени од слобода потсетивме дека мерките и активностите што се преземаат заради заштита и справување со последиците од пандемијата на вирусот не смеат да резултираат со каков било нечовечки или понижувачки третман спрема овие лица, и во таа насока препорачавме безусловно почитување на меѓународните принципи и стандарди. Сметам дека основен принцип при преземањето на какви било активности и мерки треба да биде заштитата на здравјето и личната сигурност на сите лица лишени од слобода, но и на персоналот во овие установи/места, на што посебно потенциравме во препораката.

Покрај ова, јас сум во директна комуникација со Владата и надлежните министерства по однос на ова прашање, и верувам дека Владата ќе ги почитува дадените сугестии и препораки во насока на што поголемо почитување на човековите права на осудените и притворените лица, во услови во кои во моментот се наоѓа државата. Во таа насока, имајќи ги предвид и овие околности, како и тоа дека во затворите има лица кои се во притвор заради обезбедување присуство на лицето иако се уште нема обвиненија, апелирам да се применат и други, поблаги мерки за обезбедување присуство наместо мерката притвор, се со цел превенција од ширење на коронавирусот во овие места.

Во втората информација, загрижени и за  децата, старите и изнемоштени лица, лицата со попреченност, социјално загрозените лица и семејства кои живеат во субстандардни услови, бездомниците и др. како ранливи категории, и препорачвме на Владата максимално да се запазуваат сите стандарди кои се однесуваат на правата на овие лица. Едновремено, до сите установи каде се сместени овие лица, во овој период на изолација препорачавме да се внимава да не им се прекинуваат контактите со нивните блиски, односно да се изнјдат други, алтернативни форми и за сите нив навремено да се даваат потребните информации пред се од аспект на нивната здравствена состојба.

Сакам да потенцирам дека сме во постојана комуникација со надлежните институции (казнено поправните установи, јавни установи за сместување лица/деца, деинституционалните форми на згрижување), ја следиме состојбата, и доколку оцениме за потребно веднаш ќе интервенираме, затоа што посебно во една ваква ситуација тенка е линијата на повреда на човековите слободи и права.

Во оваа прилика апелирам до медиумите да продолжат професионално и објективно да известуваат во врска со корона вирусот, и најмалку е потребно да се создаде страв и паника кај населението. Следствено, во вакви услови секаков јавен настап кој е тесно партиски или политички мотивиран е разочарувачки и е за секоја осуда.

На крај како омбудсман би сакал да упатам еден апел до властите при донесувањето на сите мерки да се внимава на човековите слободи и права, и ограничувањата да бидат само со цел превенирање и заштита на здравјето на граѓаните. Исто така апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, за да можеме што побрзо да се вратиме на она што се нарекува нормален  живот, и веднаш кога ќе се процени дека е тоа можно, ограничувањата постепено да се укинуваат.

Постојано слушаме за казни за прекршители кои не го почитувале полицискиот час, но дали граѓаните до омбдусманот се пожалиле за односот на полицијата кон нив?

– До овој момент никој не се пожалил на однесувањето на полицијата при спроведувањето на полицискиот час. Мојата препорака е и натаму полицијата професионално да си ги извршува своите задачи, а граѓаните да и помагаат во тоа што ќе ги почитуваат мерките. Како и да е, ние ќе продолжиме да ги следиме состојбите.

Во однос на податоци од кој се состои овој Извештај, може да ни кажете каква е беше состојбата со почитување на основните човекови права во Република Северна Македонија, во тек на минатата година? Колку претставки се стигнати до вашата канцеларија минатата година и на што се однесуваат најголем дел од нив?

Ако се суди според бројот на поднесените поплаки, како и областите на кои се однесуваат би рекол дека состојбата не е многу сменета во однос на 2018 години. Бројот на претставките за минатата година е 3.453. Најголемиот дел од нив се однесуваат на областа правосудство, потоа следуваа потрошувачките права, работните односи , претставките од областа на казнено поправните и воспитно поправните установи, правата на децата. Ова е во глобала сликата за проблемите на кои граѓаните најмногу се жалеа.

Она што е карактеристично за 2019 година е зголемениот број на претставки со областа социјала, здравствената заштита, детските права.

Причината за зголемување на поплаките во областа социјала е новиот Закон за социјална заштита кој на одредена категорија на граѓани, наместо да им ги унапреди правата, напротив дополнително им создаде главоболки, па заради неажурното работење на центрите за социјална работа во поглед на преведувањето/ усогласувањето на правата од социјалната заштита голем број од нив останаа без заштита од повисоките инстанци, а со тоа и без социјална помош иако тоа им е единствен извор за живот. Тука би додал уште една карактеристична работа за 2019 година, а тоа е епидемијата со мали сипаници/морбили која придонес за зголемен број на поплаки од родителите чии деца не се вакцинирани поради што над 200 останаа надвор од образовниот процес. За жал иако народниот правобранител апелираше двете надлежни министерства за образование и наука и за здравство да седнат и да најдат решение за овој проблем, не наиде на слух кај ниту едно од овие институции. Тоа не е добро затоа што наскоро ќе дојде новата школска година, и повторно ќе ја имаме истата ситуација. Кога зборуваме за децата проблемот на меѓуврсничкото насилство и натаму е голем и на ова треба уште многу да се работи, како од страна на училиштата и  од страна на семејствата.

Исто така, во областа дискриминација имаме зголемување на бројот на претставките за мобинг, што покажува дека граѓаните се повеќе истиот го препознаваат и се охрабруваат истиот да го пријавата, како и тоа дека во  оваа област имаме поплаки по речиси сите основи.

Ново за минатата година е тоа што институцијата почна да ги остварува новите мандати – Народниот правобранител механизам за граѓанска контрола чија задача е да ја следи работата на полицијата и затворската полиција, потоа мандатот на следење на имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите нации на лицата со попреченост, дејствувањето на Народниот правобранител како пријател на судот и мандатот Национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција . Со оглед на тоа што ова се нови мандати придобивките од нивната работа поконкретно ќе се видат во текот на оваа година, но сепак е добро да се знае дека граѓаните на своја страна добија уште еден нов механизам за заштита на правата во овие области. Секако, заради поблиску и поголемо запзонавање на граѓаните со овие нови надлежности бевме спремни, во соработка и со поддршка на меѓународна помош да развиеме неколку проекти за промоција на новите мандати. Но за жал активностите се стопирани поради состојбата во државата.

Дали имаа подобрување во функционалноста на Казнено поправните установи во државата?

Со оглед на фактот што во однос на претходната година, бројот на претставки во 2019 година незначително е зголемен, а поплаките на осудените и притворените лица во принцип се однесуваа на исти проблеми како и претходните години, може да констатираме дека нема значителни промени во врска со можностите за остварување на нивните права.

Сепак кога зборуваме за казнено поправните установи мора да напоменеме дека проблемот со пренатрупаноста  и материјалните услови донекаде е ублажен, но поплаките во врска со здравствената заштита и натаму остануваат. Овој сегмент ние со години го  карактеризираме како несоодветен кој не нуди ненавремена и неконтинуирана здравствена заштита и здравствен третман на осудените и притворените лица.

Собранието минатата година усвои низа закони од сферата на правосудството. Колку преставки имаа во однос на работата на правосудните органи и зашто најчесто се жалат граѓаните?

Мислам дека погоре споменав дека бројот на претставките од оваа област и натаму е на врвот па сосема е разбирливо тука да имаме констатирани и најголем број на повреди. Работата на извршителите и натаму се јавува, јас би рекол како најпроблематична, особено во случаите  каде како доверители се јавуваат јавни претпријатија и акционерски друштва со државен капитал – даватели на комунални и телекомуникациски услуги, како и услуги за користење на електрична енергија, топлинска енергија и вода. Народниот правобранител и во претходниот извештај препорача пред да се достави Налогот за извршување, граѓанинот-должник да биде известен за започнување на постапката за извршување, затоа што со недоставувањето на писменото, граѓаните се задолжуваат со дополнителни трошоци, камати, трошоци за администрирање, трошоци за евентуални приговори поврзани со неуредната достава на налогот и сл.

Како постапуваат институциите по препораките на Народниот правобранител?

– Споредбено со 2018 година, податоците покажуваат дека во 2019 година има зголемување на бројот на констатирани повреди за 5,82 отсто. Од друга страна, анализата на податоците во однос на прифатени препораки/укажувања и понатаму покажува тренд на намалување, и тој процент изнесува  28,25 отсто во споредба со 2018 година. Загрижува податокот дека во 53,73 отсто од случаите во кои се констатирани повреди и Народниот правобранител интервенираше за нивно отстранување органите не постапиле, односно останале на ставот дека не е извршена повреда. Овде сакам да ја појаснам дека се работи за непостапување по препораките на Народниот правобранител во врска со правото на образование на деца со нецелосен вакцинален статус, кога беше прогласена состојба на епидемијата  од морбили, поради што 200 деца останаа надвор од образовниот систем.

Исто така, во делот на правосудството, околу 300 претставки беа поднесени од страна на вработени во ОХИС, во кои по преземените дејствија од страна на Народниот правобранител беа констатирани повреди и дадени препораки на различни органи: извршители, адвокати, стечајни управители, судови, како и други органи, од кои најголемиот дел, односно 230 не беа прифатени. Народниот правобранител исцрпувајќи ги сите можности ги упатуваше граѓаните натамошна заштита на правата да бараат во судски постапки.

Ваквиот јас би рекол тренд е загрижувачки, па затоа  сакам да упатам апел до надлежните институции сериозно да пристапат кон препораките на народниот правобранител чија цел е заштита на правата на граѓаните.

Омер Џафери

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Таравари итно хоспитализиран: Доживеав ненадеен колапс

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста