Утрински Весник
Македонија

Медиумите во Грција во пандемија на Ковид-19

Медиумите во Грција во пандемија на Ковид-19

Атина, 20 април 2020 (МИА) – На 11 март 2020, неколку дена пред да се затворат продавниците, кафулињата, рестораните и слично, на тогашниот редовен брифинг со новинарите и странските дописници, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас рече дека тоа е последен брифинг што се одржува на класичниот начин со присуство на претставниците од медиумите, веќе следниот беше преку видеоконференција, како што сѐ уште се практикува.

Дописничката на МИА од Атина го анализира функционирањето на медиумите во Грција во време на пандемија на Ковид-19, а тројца грчки новинари го пренесуваат нивното искуство за, како што велат „новинарството во карантин“.

Кон средината на март, пред да биде воведена целосната забрана за движење, медиумите започнаа да се адаптираат на новите услови што ги диктира пандемијата и „невидливиот непријател“. Дел од новинарите почнаа да работат од дома, да известуваат телефонски или преку Скајп наместо од студио, а на ист начин да ги прават и интервјуата.

Во истиот период, пратениците од Нова демократија, како и министрите и замениците од Владата, ги прекинаа нивните гостувања во студијата на телевизиите, а во информативните емисии и вестите се вклучуваа преку Скајп.

Полека ова почна да станува секојдневие и за новинарите и за политичарите, искористувајќи ги новите технологии и алатките што се нудат, а во иста насока се движеа и организирањата на прес- конференции, брифинзи и слично.

Во утринските информативни емисии кои имаат двајца новинари- водители, едниот е во студио, другиот е од дома преку Скајп и се менуваат на една седмица.

Со стапувањето во сила на забраната за движење на граѓаните од 23 март 2020 година, веќе сите беа приспособени на новите услови.

Секојдневните попладневни прес-конференции во Министерството за здравство на Грција за состојбата со Ковид-19 во земјата се без новинари, а прашањата се испраќаат по писмен пат. На ист начин функционираат и брифинзите со владиниот портпарол.

Преку видеоконференција, министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис одржа прес-конференција на 2 април за на новинарите да им ја презентира новата платформа „Грција од дома“, но и да одговори на прашањата на претставниците на медиумите.

На ист начин, преку видеоконференција, беше и брифингот на алтернативниот министер за миграција и азил Јоргос Кумуцакос со странските дописници во Атина.

Мерките во Грција за ограничување на движењето на граѓаните, кои стапија во сила на 23 март 2020 година, важат и за новинарите. За извршување на работните обврски, претставниците на медиумите треба секогаш со себе да го имаат специјалниот формулар наменет за оние кои работат, заедно со документ за лична идентификација (пасош или лична карта) и прес-картичка.

Работа од дома и за новинарите

Новинарите Стефаниа Мурелату од телевизијата „Антена“, Апостолос Мангириадис од ТВ „Скај“ и Александра Фотаки од весникот „Та неа“, во разговор со дописничката на МИА од Атина ги пренесуваат нивните искуства за тоа како се променил начинот на работа во медиумите.

Секој од медиумите следел свој ритам на воведување мерки и ограничувања за заштита на здравјето на вработените.

„Та неа“, како што објаснува новинарката Александра Фотаки, бил меѓу првите весници што презеде мерки за пандемијата, а уште од 9 март било побарано од новинарите да останат дома и да работат од дома.

– Сите и сѐ во весникот влезе во ритамот на коронавирусот и социјалното дистанцирање. Брифинзите почнаа да се водат преку видеоконференции, прилозите преку телефон. На настани и на терен се оди само тогаш кога се смета за неопходно и кога не може поинаку. И уредниците на редакциите заедно со нас се обидуваат да се приспособат на новата ситуација. Консултациите се водат преку телефон, преку Фејстајм, Ватсап, Вибер, меил, сѐ што е можно е мобилизирано, пораки, видео повици, групи, видео конференции, телефонот постојано ѕвони за што било, нешто што во редакција се решава многу лесно, објаснува новинарката Фотаки од дневниот весник „Та неа“ и додава дека работата на далечина наметнала построги временски рокови и помала флексибилност за правењето на весникот.

Работа од дома се воведе и во телевизиите, односно онаму каде што е изводливо, па така новинарите, што не се на терен, известуваат преку Скајп.

– Од почетокот на забраната за движење новинарите од Скај се поделивме во две групи и се менуваме наизменично секоја седмица. Оние репортери кои работат надвор, на терен, во супермаркетите, на патарините, во јавниот превоз и слично, не се во контакт со останатите репортери кои што се во телевизијата. Така се постигнува една „безбедна зона“ за да не мора многу луѓе да бидеме во контакт. Во канцелариите сме оддалечени еден од друг и ги одржуваме сите правила за хигиена, а работниот простор постојано се чисти и дезинфицира, вели Апостолос Мангириадис, новинар и презентер на вести во ТВ „Скај“.

Во телевизијата „Антена“, како што вели за МИА новинарката Стефаниа Мурелату, веќе пет седмици мнозинството работи на далечина за да се заштити здравјето на сите и да се избегнат метежи, но и како што објаснува, за да постои секогаш резерва на персонал во случај некој вработен да се зарази со коронавирусот.

– Благодарение на технологијата, снимаме интервјуа, ги читаме текстовите и прилогот го праќаме во телевизијата, каде што мала дежурна екипа го монтира конечниот прилог. Директните јавувања се преку Скајп, бидејќи намалени се и дежурствата на техничкиот персонал. Па така, нашите дневни соби станаа уникатни студија и сега веќе ние ги внесуваме гледачите во нашите домови, додека порано се случуваше токму спротивното, ние влегувавме во приватниот простор на гледачите. Новата наметната ситуација помогна да се приспособиме на новите технологии и да откриеме многу корисни алатки, објаснува Мурелату и додава дека работата од дома веќе е „семејно прашање“, бидејќи како што на шега коментира новинарката, улогата на продуцент ја има нејзината осумгодишна ќерка.

Видеоконференциите секојдневие за политичарите

Пандемијата го смени секојдневието и на политичарите. Интервјуата, обраќањата, средбите, па дури и владините седници се одржуваат преку видеоконференции, а целосно се избегнуваат гостувања во студијата на телевизиите

– Иако сме соседи, одбираме видеоконференција за да испратиме правилна порака, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на „средбата“ со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу на 8 април годинава, коментирајќи го фактот што иако премиерската и претседателската палата се оддалечени на само неколку метри, односно ги дели една улица, сепак, решиле да разговараат преку видеоконференција.

На ист начин, Мицотакис одржа „средби“ и со лидерите на политичките партии, на средината на март, но и владина седница.

Состаноците со министрите за одредени актуелни теми и прашања, грчкиот премиер ги одржува видеоконференциски од премиерската палата.

Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас гостуваше во телевизиите „Антена“ и „Контра“, но преку видео повик, додека пак предлогот пакет економски мерки на опозициската партија беше презентиран видеоконференциски, а надлежните пратеници од дома се вклучија на прес- конференцијата.

Сања Ристовска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Македонија тоне, размислувам и јас за иселување – Зафиров со жестока порака до властите

Дрифт шоу во Тетово, без полициски надзор и со многу бучава

ВМРО: СДС продолжуваат со измислени бројки, да не беше ВМРО-ДПМНЕ патот Кичево-Охрид ќе беше уште незапочнат