Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Полициски службеници од СВР Скопје вчера во 17.15 часот ги лишиле од слобода А.Ѓ.(18) и К.С.(30), двајцата од Скопје, поради тоа што при преглед кај нив била пронајдена марихуана.
Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На ул. „Св.Климент Охридски“ во Скопје вчера во 16.40 часот при преглед кај Р.А.(21) од скопско Сингелиќ и Ф.А.(23) од скопско Грушино, полициски службеници од СВР Скопје пронашле и одзеле по еден нож.
По целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени пријави.
Полициски службеници од СВР Скопје вчера во 18 часот во полициска станица го привеле З.П.(21) од Скопје затоа што при преглед кај него бил пронајден и одземен нож.
По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена пријава.
Патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.З.(48) од Скопје, вчера во 14.20 часот на бул.„Александар Македонски“ во Скопје удрило во пешакот А.Б.(77) од Скопје.
Притоа, пешакот починал на местото на настанот, а смрт констатирала екипа од итна медицинска помош. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје.
На магистралниот пат Штип – Кочани вчера во 22.30 часот се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кочански регистарски ознаки, управувано од И.З.(25) од кочанското село Чешиново и патничко возило „пежо 206“ со пробиштипски регистарски ознаки, управувано од А.В.(30) од Злетово.
По незгодата, сопатниците во возилото „пежо“, Х.В.(25) и две петгодишни деца биле пренесени во Клиничката болница Штип каде им била укажана лекарска помош и им биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип.
На железничкиот премин во село Лознани во општина Могила вчера околу 17.50 часот патнички воз кој сообраќал на релација Скопје – Битола удрил во патничко возило „киа клаус“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.А.(58) од Прилеп.
Од ударот била причинета само материјална штета, а повредени лица нема, по што возачот на возилото веднаш го напуштил местото. Железничкиот сообраќај бил во прекин. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Битола.
Ф.М.(33) од Скопје вчера во 12.30 часот пријавил во Полициската станица Центар дека на бул.„Кочо Рацин“ бил каснат од куче скитник.
Б.Т.(18) од Скопје вчера во 15.30 часот во Полициската станица Кисела Вода пријавил дека на бул.„Борис Трајковски“ бил каснат од куче скитник. хс/