Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – За време на забраната за движење, вчера во 16:15 часот на раскрсницата од бул.„Никола Карев“ со ул.„Лазар Личеновски“, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Б.(44) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Вчера во 9:40 часот било пријавено дека на патот Куманово – Крива Паланка, на место викано „Чешмиче“, пред с.Страцин, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фиат пунто“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Ѓ.(55) од с.Железница и патничко возило „фиат пунто“, со кратовски регистарски ознаки, управувано од И.М.(26) од Битола. Во незгодата од здобиените повреди починал Б.Ѓ., додека сопатникот од истото возило Ф.Ѓ.(23) од с.Железница и И.М. биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување на лекарска помош, каде Ф.Ѓ. починал. Извршен бил увид на местото на настанот од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово.
Вчера во 10:20 часот било пријавено дека на булевар „Видое Смилески Бато“, на сервисната улица од паркинг простор, патничко возило „цитроен“, со скопски регистарски ознаки управувано од В.Ѓ.(42) од Скопје удрило во велосипед, управуван од Т.П.(69) од Скопје. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, по што бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.
Вчера во 4 часот било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Битола кај село Ношпал, В.П.(33) од Битола, управувајќи патничко возило „бмв“, со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил сопатникот М.Н.(43) од Битола, а со телесни повреди се здобил возачот, по што биле пренесени во Клиничкиот центар Битола за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од Полициската станица Прилеп.
Вчера во 14:35 часот било пријавено дека во Штип на ул.„Брегалничка“, П.Б.(20) од Штип, управувајќи патничко возило „ауди A3“, без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил возачот, а со телесни повреди се здобиле двајцата сопатници С.Г.(19) и М.С.(19), и двајцата од Штип, по што биле пренесени во Клиничката болница Штип за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Штип.
Вчера во 12 часот на ул.„Дижонска“ од полициски службеници бил пронајден Ј.Ј.(41) од Скопје, за кој на 02.05.2020 бил пријавено дека се оддалечил од домот. бк/