Матичните лекари од целата држава денеска ќе излезат на штрајк пред Министерството за здравство.
Одлучиле со штрајк да го одбележат Денот на здравјето, 7 Април, оти здравствените власти не покажале слух по претходните два протеста кога тие остануваа во ординациите, но не работеа преку системот „Мој термин“.
„Управниот одбор во саботата ја донесе одлуката за штрајк на Денот на здравјето. Имавме претставници од цела Македонија и уште еднаш констатиравме дека сме во тешка ситуација по низата покачувања. Продолжуваат да стигнуваат огромни сметки за индустриска струја, горивото сите знаеме колку се зголеми, а имаме колеги што патуваат и по 85 километри за да ги отворат амбулантите, се затвораат амбуланти, незадоволството само се таложи и ние во моментот сме доведени до точка на вриење. Ова е наш трет обид Владата да нè чуе дека ние го одржуваме здравствениот систем, да сфатат дека е неопходно да ги сменат законите. Недозволиво е ова што сега се случува, кога еден матичен лекар оди во пензија, амбулантата се руинира и ако некој млад лекар се одлучи да работи, принуден е да почне од нула за што нема потреба. Доволно е само да ја продолжи работата со пациентите на лекарот што оди во пензија. Ова е последен крик за спас на примарното здравство. Просечната старост ни е 57 години, сите сме пред пензија, ќе нема кој да ги лекува луѓето“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари, за „Макфакс“.
Најавата на заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, за формирање работни групи што ќе работат на решавање на наталожените проблеми по претходните протести, останала само како ветување. Чолакова-Дервишова вели дека нема никакво поместување за решавање на проблемите по протестите.
И на овој протест матичните лекари ги имаат истите барања, односно покачување на капитацискиот бод, укинување на казните за препишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа со кои ќе се внимава на достоинството и на пациентите и на лекарите.
Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекарите по општа – семејна медицина, вели дека го поддржале штрајкот, кој е во организација на Здружението на приватните лекари, оти премногу долго чекаат реформи.
„Првите два протеста немаа никаков ефект, ништо од барањата не е прифатено, а тие се стари десет години, толку време нема реформа во приватното здравство. Ние даваме целосна поддршка оти сметаме дека треба правилно да се вреднува трудот на специјалистите во оваа област. Меѓу другото, бараме загарантирана минимална плата за општите лекари, за специјалистите по семејна медицина и за медицинските сестри“, вели Ѓорѓиевски.
Ординациите на матичните лекари од другите градови, утре, поради протестот, ќе бидат затворени, а за време на протестот, затворени ќе бидат и ординациите на лекарите во Скопје.
Поддршка за штрајкот матичните лекари добија и од Здружението на приватните здравствени стоматолошки установи и приватните доктори по дентална медицина (ЗПЗСУ ПДДМ).
„ЗПЗСУ ПДДМ сака да ја искаже својата безрезервна поддршка за најавениот протестот на матичните лекари, кој ќе се одржи на 7 април 2022 година во 12 часот пред Министерството за здравство поради катастрофалната и неиздржлива состојба во стоматологијата и потребата за решавање на проблемите, со барање за реформи и промена на начинот на исплата во стоматологијата од страна на ФЗО“, соопшти Здружението на приватните стоматолози.