Утрински Весник
Свет

Мас: Нон – пејперот не доаѓа од Германија

Мас: Нон – пејперот не доаѓа од Германија

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека таканаречениот нон-пејпер не потекнува од Германија, објави германското Министерство.

Мас реагираше на пишувањето на приштинскиот весник „Коха“ дека има уште еден нон-пејпер во кој се дефинирани односите меѓу Белград и Приштина.

„Ова не доаѓа од перото на германската влада. Напротив, за време на неговата посета на Приштина и Белград минатата недела, министерот за надворешни работи Мас истакна дека Германија го поддржува дијалогот за нормализирање на односите со посредство на ЕУ и дека целта е сеопфатен договор што придонесува за регионалната стабилност“, се вели во соопштението, пренесува „Дојче веле“.

„Коха“ вчера објави дека имала увид до документ, наводно, подготвен од Германија и Франција, како заедничка иницијатива за продолжување на дијалогот, што треба да резултира со конечен договор.

Според наводниот документ, Белград и Приштина би се признале едни со други, а предвидено е создавање на автономна област во северно Косово, како и привилегиран статус на Српската православна црква.

Од друга страна, Белград ќе биде должен да не го блокира членството на Приштина во меѓународните организации.

Можете да прочитате

Во Германија ќе се плаќа за да се добие совет во продавница

„НАСА ја испраќа ‘Артемис II’: Прв лет со екипаж околу Месечината по 50 години“

Тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија