Скопје, 9 април 2020 (МИА) – Од Делегацијата на Германската стопанска комора велат дека странските инвститори ги презеле сите заштитни мерки и оти доследно ги применуваат владините препораки, но оти лажаните вести во оваа тешка состојба не се од корист ниту за компаните, ниту за вработените. Истовремено им порачуваат на стопанствениците дека по кризата синџирите на добавувачи одново ќе се позиционират на светската мапа, во насока на што нудат помош за организирање и соработка.
– „Вирусот корона“ се разбира дека има влијание врз економскиот и работниот процес на странските инвеститори во Северна Македонија. Инвеститорите ги презедоа сите заштитни мерки и доследно ги спроведуваа владините препораки на начин на кој што им беше препорачано да се примени во индустриското производство. И покрај тоа во изминатите недели се зголемија лажни вести за странските инвеститори во земјата. Овие лажни вести во оваа тешка состојба не се од корист ниту за компаниите ниту пак за вработените. Со повторно стартување на производство, компаниите ќе сторат сé за да ја исполнат својата одговорност за зачувување на здравјето на вработените. Рестартирањето на производството ќе даде значаен придонес во одржувањето на општеството и државата, порача денеска Патрик Мартанс, претседател на Делегацијата на Германската стопанска комора.
Во утринска телеграма до стопанствениците Мартанс потенцира дека по кризата предизвикана од коронавирусот синџирите на добавувачи одново ќе се позиционираат на светската мапа. Поради тоа мрежата на Германските стопански комори во странство (АХК) од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Украина, Белорусија, Тунис и Мароко се обединила да ја понудат својата помош на компанииите при поставувањето на новата структура на синџирите на добавувачи. -Планирани се заеднички маркетинг активности во соработка со релевантни германски трговски здруженија, со чија помош можете да ја пронајдете вистинската локација за пренасочување на Вашиот синџир на снабдување и да најдете можности за нови инвестиции. Фокусот е ставен посебно на автомобилската-, електро- и фармацевтската индустрија, наведува Мартанс.
Подемот на Северна Македонија како дестинација за директни странски инвестиции, како што вели, доведе до бум во изградбата на индустриски објекти. Ова гледиште, укажува, го има и иницијативата за извоз на енергија при Сојузното Министерство за економија и енергетика кое органиизра виртуелно делегациско патување на тема: „Обновливи енергии и енергетска ефикасност во индустријата во Северна Македонија“ Стручната конференција и Б2Б состаноците ќе овозможат запознавање со потенцијални клиенти, истакнува Мартанс. лв/сп/