Утрински Весник
Економија

МАПАС: Вториот и третиот пензиски столб продолжуваат да растат и во услови на ковид кризата

МАПАС: Вториот и третиот пензиски столб продолжуваат да растат и во услови на ковид кризата
300x250 (7)

И покрај предизвиците што ги наметна Ковид-19 кризата, капитално финансираното пензиско осигурување кое е вториот сегмент според големината на активата во рамки на финанскиот систем, веднаш по банкарскиот сектор, остана стабилно и продолжи со својот раст. Имено, вкупните акумулирани средства во задолжителните и доброволните приватни пензиски фондови со кои управуваат пензиските друштва во вториот квартал од оваа година забележаа раст од 7,9% во однос на првите три месеци од 2020-та година.

„На Денот посветен за пензиската свесност 15 септември, перформансите на капитално финансираното пензиско осигурување се навистина охрабрувачки. Истите придонесуваат за натамошно зголемување на довербата во МАПАС која врши супервизија на работењето на пензиските друштва, задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот и на странските менаџери на средства, со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови“, вели Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

Паралелно со својата супервизорска функција, МАПАС континуирано продолжува со активности за информирање и едукација на граѓаните за начинот на функционирање, придобивките и можностите што ги нуди тростолбениот пензиски систем, за правата и обврските на членовите во задолжителните и доброволните пензиски фондови, за последните промени во регулативата за тоа кој може да биде член во вториот пензиски столб, како и за потребата од редовно ажурирање на личните податоци и континуирано следење на својата пензиска заштеда.

Посебен акцент во информирањето на јавноста, особено во рамки на активностите за годинешното одбележување на 15 септември – Денот за пензиската свесност, ќе се стави на зголемувањето на свесноста кај младите за тоа дека вистинските одлуки за нивната пензија треба да ги донесуваат уште сега, односно со нивното прво вработување, а не пред пензионирање.

Бројот на членови во задолжителните и доброволните пензиски фондови на крајот на август 2020 година изнесува 547.616, а вкупната вредноста на нивните акумулирани средства надминува 1,37 милијарди евра.

Извор: Makfax

Ss1

Можете да прочитате

Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март

Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање

Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува – 24info.mk