Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги повика учесниците на вториот самит „Кримска платформа“ да не покажуваат слабост во односите со Русија и да не прават компромиси со таа земја.
„ Русија го направи својот избор, без оглед на преземените обврски. Не смееме да покажуваме слабост, никаков дух на компромис, бидејќи се работи за слобода за сите и мир во сите делови на светот“, рече Макрон во обраќањето до учесниците на самитот, а пренесе РИА Новости.
На вториот самит на „Кримската платформа“, кој беше организиран на иницијатива на Украина, учествуваат десетици земји и меѓународни организации кои ја разгледуваат ситуацијата на Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Како една од целите на самитот, властите во Киев ја наведоа дискусијата за начините за „деокупација“ на Крим, додава Спутник.
Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков го окарактеризира овој самит како антируски и крајно непријателски настан.