Утрински Весник
Култура

Македонско-словенечки спој за почеток на Танц Фест 2021

Македонско-словенечки спој за почеток на Танц Фест 2021

Под мотото „Украдени движења“, вечерва, со почеток во 21 часот, на отворената сцена во Домот на АРСМ започнува годинешното издание на реномираниот фестивал за современ танц, Танц Фест Скопје 2021.

По седумнаесетти пат, публиката, љубителите на танцот и долгогодишните пријатели на фестивалот ќе имаат можност да проследат веќе традиционално квалитетна програма и богат репертоар со интернационално реномирани уметници, но и домашни кореографи и танчери.

Фестивалот ќе го отвори извонредниот танчер и кореограф Жиган Крајнчан од Словенија, со неговиот најнов проект насловен “Fusion with myself”, во продукција на ЕГЗОДОС, Љубљана, под водство на извршниот директор и продуцент Наташа Заволовшек и Борут Бучинел, дел од ЕГЗОДОС, кој се потпишува зад звукот, фотографијата, видеото и светлата или техничките елементи на перформансот. Преку оваа изведба, Крајнчан на публиката ќе ѝ раскаже интимна приказна за потрагата по изворот на самата креација, почнувајќи од зборот „ништо“ и трагајќи по создавањето на идејата, звукот, движењето и мислата.

Веднаш по “Fusion with myself”, со почеток во 22 часот, публиката ќе има прилика да ужива во премиерата на „Не ми ги допирај очите“, на кореографката и танчерка Адријана Данчевска. Кореографијата ќе биде во изведба на Дејан Битровски и Данчевска, која покрај кореографијата и изведбата е задолжена и за костимите на претставата, додека музиката е на Artefakt и Гордан Спасовски трио. „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. „Кога ќе ме снема, може повторно да ме заима“ – преку оваа претстава, Данчевска испраќа моќна порака, храбро задирајќи во подлабоките слоеви на општествената филозофија со идејата „следете политика и главите кон сонцето“.

На втората вечер на фестивалот, на 2 јуни, во 21 часот, во Домот на Армијата Скопје, посветена на студентите и дипломците при Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“, кои ја претставуваат новата креативна сила на современата танцова сцена кај нас, публиката ќе има можност да проследи две кореографии. „Погрешно“ на кореографот и асистент на катедрата, Адријана Данчевска, во изведба на Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски, Викторија Коцева и Антонија Димитриевска. Потоа следи кореографијата „Јас сум, тука сум“ со која ќе дипломираат втората генерација студенти на Катедрата за современ танц при УГД Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски под менторство на професорот Рисима Рисимкин, во соработка со стручниот соработник Анастасија Данчевска.

Инаку, годинешното издание на фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје, Амбасада на Кралство Холандија, Француски Институт Скопје, АРСМ, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Музеј на современа уметност, Француска Алијанса Тетово, НУЦК „Иљо Антески Смок“ Тетово, компаниите Бовин и Виталија, како и медиумските покровители радио Буба Мара, Сити Радио, Антена 5, Метрополис и Урбан ФМ.

На настанот целосно ќе бидат запазени сите безбедносни протоколи за заштита од Ковид-19.

Текстот Македонско-словенечки спој за почеток на Танц Фест 2021 е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“