Утрински Весник
Македонија

Македонскиот полициски синдикат бара да престанат политичките борби во МВР

Македонскиот полициски синдикат бара да престанат политичките борби во МВР

Скопје, 31 мај 2020 (МИА) – Македонскиот полициски синдикат денеска преку соопштение побара да престанат политичките борби кои одат на штета на Министерството за внатрешни работи и на довербата што граѓаните ја имаат во оваа институција.

-Изминативе месеци поминавме тежок и напорен период во кој се поставивме единствено во интерес на граѓаните и државата, онака како што доликува на припадници на Министерството за внатрешни работи. За жал борбата со КОВИД – 19 се уште не е завршена и нашата задача не е исполнета. Свесни сте дека во овој период на техничка Влада се соочивме со многу невообичаени и несекојдневни ситуации. Добро се сеќаваме на кризните ситуации кои за малку што не ескалираа а беа предизвикани од инсистирањето по секоја цена да се направат кадровски промени во министерството. Со наша помош и залагање ова се реши, се вели во соопштението.

Но, додаваат од Македонскиот полициски синдикат, тензиите не стивнаа и понатаму.

-Се направија кадровски промени на сите дисциплински комисии и тоа повторни без дијалог. Советници кои не припаѓаат на Бирото за јавна безбедност и се дел од политичките кабинети се појавуваат во организациски единици за кои не се надлежни и тоа создава збунетост кај вас. Токму во овие моменти на политички борби вие имате обврска да се издигнете над политиката и да не дозволите партиски влијанија да ве водат. Да не дозволиме оваа „техничка” ситуација во Министерството да ги наруши капацитетите и довербата која граѓаните ја имаат во македонската полиција, реагира Македонскиот полициски синдикат. сст/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово

ОЈО бара притвор за три лица за предизвикување меѓунационална омраза за вчерашните инциденти со македонското знаме