Бугарското спротивставување да се одобри преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, односно Советот за општи работи на ЕУ, на 17 ноември 2020 година дојде сосема очекувано, бидејќи се најавуваше и се документираше со резолуции, декларации и изјави повеќе од две години, со посебен интензитет од почетокот на октомври наваму. Оваа кулминација на затегнувањето на односите меѓу двете земји, во помала или поголема мерка, ги одразува превирањата што се случуваа речиси три децении наназад.
Официјалните односи меѓу Македонија и Бугарија почнуваат на 15 јануари 1992 година, кога Бугарија станува првата земја што ја признала Македонија како самостојна држава, истовремено со три други бивши југословенски републики – Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
На политички план, низ целиот период на билатералните односи имало искажување на бугарски националистички претензии кон Македонија, односно историјата, идентитетот на етничките Македонци и македонскиот јазик. Во македонската јавност особено негативно одекна изјавата на тогашниот бугарски претседател Петар Стојанов (1997-2002) дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“.
Таквите политички испади, како и дезинформациите во бугарските медиуми, како по правило ги користат македонските националисти како повод за ширење говор на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ, како и евроскептицизам – обвинувања кон ЕУ, НАТО и нивните поддржувачи од Македонија за соучесништво.
Од Декларација до Договор
Најкрупниот формален чекор во билатералните односи на двете земји дотогаш е потпишувањето на Декларацијата за добрососедство, пријателство и соработка, на 22 февруари 1999 година, од тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов.
Бугарија стана членка на НАТО на 29 март 2004 година, а е примена во членство на Европската Унија на 1 јануари 2007 година.
Во август 2006 година на власт во Република Македонија доаѓа ВМРО-ДПМНЕ, предводено до Никола Груевски, чиј метод на десничарски популизам вклучува и периоди на засилени конфронтации со соседите и меѓународните институции.
По потпишувањето на Декларацијата од 1999 година, првите формални назнаки дека Бугарија ќе постави услови за евроатлантските интеграции на Македонија, доаѓаат во 2006 година, кога бугарскиот претседател Георги Прванов и министерот за надворешни работи Иваjло Калфин му порачуваат на официјално Скопје дека „дадениот кредит од безусловна бугарска поддршка за членство на Република Македониjа во Европската Униjа и НАТО веќе е исцрпен“ и во иднина бугарската поддршка ќе зависи од македонската „политика на добрососедство“. Тоа се потврдува и следната година, кога за време на посетата на Претседателот на САД, Џорџ В. Буш на Софиjа во 2007 година и бугарскиот претседател Прванов и премиерот Сергеj Станишев му се жалат за „недобрососедската политика на Република Македониjа“.
Во јули 2009 година во Бугарија на власт доаѓа партијата ГЕРБ, која како и ВМРО-ДПМНЕ е членка на Европската Народна Партија (ЕПП), при што Бојко Борисов ја формира својата прва влада како премиер.
Во периодот што следува, покрај добропознатата реторика и од официјална Софија и од некои политичари, како сегашниот бугарски вицепремиер Красимир Каракачанов, тогаш во својство на претседател на партијата ВМРО-БНД, доаѓа во ноември 2012 година, кога Бојко Борисов, тогаш исто така премиер на Бугарија, изнесува барање Декларацијата од 1999 година да се претвори во Договор за добрососедство. Потоа официјална Софија преку писмо од тогашниот шеф на бугарската дипломатија Николај Младенов до неговиот колега Никола Попоски постави три услови кои Скопје треба да ги исполни за да ја добие бугарската поддршка за евроинтеграцискиот процес. Покрај изградба на неопходната инфраструктура за засилена соработка и создавање на Совет на високо ниво на кој ќе се одржуваат годишни заеднички владини седници, Младенов побара да се потпише договор за добрососедски односи и соработка.
Потоа, во јули 2013 година доаѓа до најсериозниот позитивен исчекор, со неформална заедничка мини седница на владите на Македонија и на Бугарија одржана во Ќустендил, која беше означена како обид за продлабочување на меѓусебните релации и унапредување и развој на добрососедските односи, но речиси веднаш по неа следува студен туш – релативно умерениот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин јасно го назначува како услов за понатамошна поддршка од Бугарија потпишување на договор за добрососедство. Еден месец подоцна, Бугарија доставува Нон-пејпер во Брисел, со сериозни обвинувања кон Македонија за фалсификување на историјата и за барање македонско малцинство во Бугарија.
Во јануари 2015 година работите за подготовка на Договор за добрососедство полека се придвижуваат, со напоменувања од Бугарија дека таквиот договор нема да значи нови барања од нејзина страна, но е апсолутно неопходен.
На 4 мај 2017 година по парламентарните избори Бугарија добива нова влада предводена од Борисов, при што во нејзиниот состав како вицепремиер и министер за одбрана станува и Красимир Каракачанов од ВМРО-БНД, која е дел од коалицијата ултранационалистички партии „Обединети патриоти“.
Вистинскиот напредок во односите меѓу двете соседни земји започнува по формирањето на владата на Зоран Заев, на 31 мај 2017 година. Еден од првите чекори на новата македонска влада предводена од СДСМ, направен по 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, беше средбата на премиерите на двете земји на 20 јуни 2017 во Софија.
По средбата и новиот македонски премиер и неговиот бугарски колега Бојко Борисов изјавија дека договорот меѓу двете земји е речиси при крај и дека останува уште мал дел да се договори, што ќе се надминело на ниво на министерства за надворешни работи. Тогаш беше дадена и најавата дека договорот би можел да биде потпишан на 2 август. Обете министерства на 9 јули известуваат дека конечно е постигнат компромис.
Догoворот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија конечно се потпишува на 1 август 2017 година во Скопје, од двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, по што следува и заедничко одбележување на Илинден во Крушево.
Македонското Собрание го ратификуваше договорот на 15 јануари 2017 година.
Чекор напред – чекор назад низ историските прашања
Со најкрупниот чекор во односите на Македонија и Бугарија до тој миг се разви оптимизам дека работите конечно ќе тргнат во вистинската насока. Бугарија во периодот што следува континуирано ја искажува декларативната поддршка за зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, што поради нерешениот спор со Грција и нема сериозна формална важност, бидејќи токму јужната сосетка, а не Бугарија, се сметаше за главен кочничар на евроатлантските интеграции на земјата.
Но, со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во јуни 2018 година и прекинот на деценискиот антагонизам, кога Грција престанува да биде пречката за евроатлантските интеграции на Македонија, во Бугарија работите почнуваат да се менуваат кон влошување, со чести потпалувачки изјави од националистичките политичари, како Каракачанов, но и од некои новинари.
Во октомври 2018 година во Бугарија избива корупциски скандал поврзан со доделувањето бугарски државјанства на жители на оближните земји со цел тие да добијат право да живеат и работат во ЕУ. „Свиркачката“ Катја Матева, поранешна директорка на оддел при Министерството за правда, тогаш изјавува дека само од 2011 до 2016 година 70.000 македонски државјани добиле и бугарски пасош, обвинувајќи го вицепремиерот и министер за одбрана Каракачанов дека неговата ВМРО-БНД се издржувала од продажбата на бугарски државјанства земајќи мито во износи меѓу 1000 и 5000 евра.
Во меѓувреме исполнета е една од главните точки на Договорот за добрососедство преку формирање е заедничката Комисија за историските прашања. Таа се формира на почетокот на јули 2018 година и ги поставува насоките за работа, а првиот покрупен резултат од нејзината работа го гледаме во втората половина на февруари 2019 година, кога се препорачува заедничко чествување на Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил, што за неколку месеци ќе го прифатат и двете држави. Но каменот на сопнување почнува со дискусиите за Гоце Делчев, во јуни 2019 година, што продолжува и понатаму, и покрај шесте средби во таа година, по што на предлог на македонската страна, поради изборите што претстојат во Северна Македонија, работата на комисијата паузира. Но, тензиите меѓу членовите тука не сопираат, па бугарската страна обвинува за блокада.
Во јули 2019 година, д-р Красимир К’нев, претседател на Бугарскиот хелсиншки комитет (БХК), предупредува дека Ромите, муслиманите и Македонците се најчеста мета на дезинформации во Бугарија.
Една од контровезните теми промовирани од вицепремиерот Каракачанов е поврзана со дезинформирање за улогата на Царството Бугарија во Втората светска војна, меѓу другото и негирање или минимизирање на улогата на тогашната власт во Холокаустот на Евреите од Македонија. Во август 2020 година бугарската еврејска организација „Шалом“ го обвини Каракачанов за промовирање нови форми на антисемитизам.
По пауза од една година, комисијата повторно ќе се сретне во средината на октомври 2020, но без согласување за поновата историја.
Реториката се вжештува, „проповедањето“ зачестува
Сиот период од формирањето на заедничката комисија ќе ја одбележуваат постојаните пројави од најгласниот, бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, но и европратеникот Андреј Ковачев за бугарската „украдена“ историја, бугарското потекло на Македонците и на македонскиот јазик. Во реториката во 2019 година се вклучува и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Ситуацијата ќе се наелектризира во септември 2019, кога и бугарскиот државен врв се собира на консултации, со најава дека ќе постави црвени линии пред Скопје. Така, пред октомврискиот состанок на Советот на ЕУ во 2019 година, бугарската влада на 9 октомври таа година усвои Рамковна позиција, која утредента беше проследена со Декларација на бугарското Собрание, со речиси идентични барања. И покрај декларативната поддршка за отворање пристапни преговори, во позицијата се содржани нови услови за Република Северна Македонија, кои наводно произлегуваат од Догoворот за добрососедство. Рамковната позиција се состои од детални услови кои се однесуваат на пристапувањето во целина и посебно за првата и втората меѓувладина конференција, како и за поглавјата 35 и 10.
Потоа следеше Изјавата на бугарската влада како прилог на заклучоците на Советот, одржан во март 2020 година која се фокусира на општите услови, условите за првата меѓувладина конференција и Поглавјето 35. Иако Изјавата не е документ усвоен од Советот, таа сепак е јасен црвен картон од Бугарија дека ќе го блокира усвојувањето на преговарачката рамка, што и новата методологија за проширување на ЕУ го дозволува, бидејќи е потребен консензус на сите земји-членки.
Во јули 2020 година нова серија корупциски скандали предизвикуваат почеток на масовно протестно движење кое бара оставка од владата на Борисов и фундаментални реформи. Скоро секојдневните протести сè уште траат во повеќе градови низ земјата. На 8 октомври Европскиот парламент усвојува резолуција со која се осудува корупцијата и злоупотребата на државни и европски пари во Бугарија.
Во истиот период, различни бугарски и аналитичари од други земји-членки на ЕУ посочуваат дека бугарските власти ја засилуваат националистичката реторика во обид да го одвлечат вниманието од причините за протестите. Меѓу другото, бугарскиот парламент на предлог на ВМРО-БНД го менува името на празникот 24 Мај од „Ден на бугарската просвета и култура и на словенското писмо” во „Ден на бугарската литература, образование и култура”, како прв чекор кон преименување на кирилицата во „бугарска азбука“ на ниво на ЕУ.
Во септември Бугарија го запечатува процесот во врска со Северна Македонија започнат со Изјавата од март со тн. Објаснувачки меморандум, кој го испраќа до сите земји-членки на ЕУ, барајќи поддршка од нив.
Официјална Софија со меморандумот бара исполнувањето на Договорот за добрососедство, да биде дел од Преговарачката рамка на Северна Македонија, како и да биде дел од поглавјето 35, повторувајќи ги бугарските ставови за историјата, идентитетот и јазикот на Македонците, како и отфрлање какви било тврдења за македонско малцинство во Бугарија.
Истовремено и во Македонија и во Бугарија националистичките кругови го зголемуваат производството на политички спинови, дезинформации и говор на омраза, а при тоа служат и за продлабочување на постоечката поларизација, евроскептицизмот и дискриминацијата.
Последните две стапки пред Состанокот на Светот за општи работи на ЕУ на 17 ноември 2020 како обид да се примират двете страни – она на средбите во Берлин и на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија, сепак не вродија плод, иако имаше одредени сигнали дека може да се постигне согласност.
Меѓувладината седница, која се смета за официјален старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, треба да се одржи во декември годинава. Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, како и претставниците на земјата претседавач со ЕУ, Германија, сè уште не целосно надеж дека оваа седница, сепак, ќе се одржи. Сепак, за тоа да се случи потребен е консензус на земјите-членки.