Утрински Весник
Македонија

Македонската естрада се обединува за Часот на планетата Земја

Македонската естрада се обединува за Часот на планетата Земја

Скопје, 27 март 2020 (МИА) – По повод Часот на планетата Земја, утре во 20:00 часот македонските пеачи и инфлуенсери преку инстаграм сесија ќе остварат заедничка „онлајн“ дружба дома, а потоа во 20:30 часот заеднички ќе ги исклучат светилките со цел испраќање силна порака за спас на планетата Земја.

-Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едноипол часовниот спектакл на нашиот инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други, соопштија денеска од иницијативата Часот на планетата Земја и испратија апел до другите естрадни личности да го прифатат овој еколошки предизвик.

Оттаму посочуваат дека сега е време за почитување на правилата и на солидарност. Мора, порачуваат, да си се чуваме едни со други, мора да направиме нашиот глас да биде слушнат за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации.

Во својата мисија, како што се наведува во соопштението, Часот на планетата Земја секогаш ја потенцира моќта на луѓето, и затоа здравјето и благосостојбата на нивните поддржувачи секогаш биле на првото место.

-Во овие тешки времиња, иако не можеме да се обединиме и испратиме порака од улиците, се уште можеме солидарно да се обединиме насекаде ширум светот, од нашите домови. Сега не е време да се откажеме, туку можност да реагираме уште покреативно, стои во соопштението.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март, сабота, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив е и нашата држава.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.бт/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Претрес во Струмица, приведен дилер

ДИК ги соопштува освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав

Кривична против градоначалник за незаконско располагање со буџетски средства за време на избори