Комисијата во име на ЕУ потпиша Меморандум за разбирање (МзР) со Северна Македонија за да го отвори патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра (МФП). Ова е првиот МзР потпишан како дел од пакетот за макрофинансиска помош во вредност од 3 милијарди евра што Комисијата го предложи за десет земји-партнери опфатени со проширувањето и земји-партнери во соседството за да им помогне да ги ограничат економските последици од пандемијата на коронавирусот.
Средствата од МФП ќе бидат достапни во форма на долгорочни заеми по многу поволни услови. Средствата ќе придонесат за подобрување на макроекономската стабилност и создавање простор за распределување ресурси за ублажување на сериозните негативни социо-економски последици од пандемијата на коронавирусот. Вредноста на програмата за МФП за Северна Македонија достигнува 160 милиони евра.
Паоло Џентилони, комесар за економија, рече: „Денеска потпишавме Меморандум за разбирање со Северна Македонија, отворајќи го патот за исплата на финансиска поддршка од 80 милиони евра. Ова е првиот МзР, потпишан како дел од пакетот макрофинансиска помош од 3 милијарди евра, за поддршка на 10 земји во соседството на ЕУ. ЕУ е посветена на борбата против пандемијата на коронавирусот и во рамките и надвор од нашите граници. Изразуваме солидарност со Северна Македонија: заедно сме посилни“.
Исплатата на втората и последната транша ќе биде условена од спроведувањето на политиките договорени меѓу ЕУ и Северна Македонија и утврдени во МзР. Поточно, Меморандумот за разбирање вклучува девет услови поврзани со политики за зајакнување на фискалното управување и транспарентноста, борбата против корупција, зајакнување на супервизијата на финансискиот сектор, подобрување на деловното опкружување и справувањето со невработеноста кај младите. Програмата за помош ќе биде достапна за период од 12 месеци.