Москва ќе продолжи да го поддржува Минск дури и по воведувањето санкции за Белорусија од страна на Европската Унија изјави амбасадорот на Русија во Белорусија, Евгениј Лукјанов.
„Ние нема да ја напуштиме Белорусија, дури и ако ситуацијата стане апсолутно критична“, нагласи тој.
Според Лукијанов, Русија и Белорусија се сојузници, а сојузниците не се изневеруваат.
„Дури не сакам ни да го потенцирам фактот дека сме два братски словенски народи“, додаде тој.
ЕУ во понеделникот воведе четврти пакет санкции против Белорусија, кој вклучува 78 физички лица и осум компании. На нив ќе им биде забранет влез на територијата на ЕУ, а нивните финансиски средства во земјите на ЕУ ќе бидат замрзнати.
Покрај тоа, службата за надворешна политика на ЕУ издаде изјава според која САД, Канада и Велика Британија воведоа синхронизирани санкции со оние на ЕУ против Белорусија.
Досега 166 физички и 15 правни лица се најдоа на „црната листа“ на ЕУ.
ЕУ во моментов подготвува секторски економски санкции против Минск, што може да влијае на рафинирање на нафта и на дрвната индустрија. Точното време на воведување на овие ограничувања сè уште не е наведено, а медиумите пишуваат дека може да следат во август или септември.