Лицата со попреченост и старите лица од 27 општини низ земјава ќе добијат помош во периодот на корона кризата. Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека околу 200 невработени лица ќе се вклучат во проектот за да им помагаат на 1.540 граѓани со попреченост и постари лица.
„Локалните општински тимови обучени за справување со овој тип на теренски околности и опремени со заштитна опрема, секојдневно ќе работат на терен и ќе обезбедуваат поддршка во секојдневното функционирање“, се наведува во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
Поддршката за оваа ранлива категорија на граѓани ќе опфати помош за итни административни процедури, набавки, поддршка во нивните домови и друг тип помош која им е потребна на овие лица.
Од надлежното министерство потенцираат дека бројот на корисници на оваа услуга може да расте во наредниот период, доколку има потреба од тоа.
Министерството за труд и социјална политика ја реализираа оваа активност во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) реализира услуги за поддршка на лица со попреченост и други ранливи категории во услови на Ковид-19.