Утрински Весник
Свет

Лидерите на ЕУ в четврток ќе разговараат за вакцини за Западен Балкан

Лидерите на ЕУ в четврток ќе разговараат за вакцини за Западен Балкан

Набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на состанокот на лидерите на членките на Европската унија (ЕУ), што ќе се одржи в четврток, објави Брисел.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакна дека лидерите на ЕУ треба да разговараат за соработката со трети земји во врска со вакцините.

„Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко“, рече Мишел, пренесува Танјуг.

Во писмото со покана до лидерите на земјите-членки на ЕУ, во пресрет на видео-конференцијата закажана за четврток во 18 часот, Мишел наведува дека на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на Унијата.

„Забрзувањето на вакцинацијата низ ЕУ е наш апсолутен приоритет“, рече Мишел.

Покрај дискусијата за набавка и дистрибуција на вакцини низ ЕУ и во соседството, Мишел објави и разговори за сертификати за вакцинација.

„Ќе разговараме за соодветноста на заедничкиот пристап кон сертифицирање, како и, доколку е потребно, околностите под кои може да се користат ваквите сертификати“, рече Мишел.

Тој оцени дека моменталната состојба со заразата со Ковид-19 во Европа бара голема претпазливост.

Мишел повика, покрај почетокот на вакцинацијата, да се продолжи со обемно тестирање и следење на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење во рамките на ЕУ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Техеран најавува напредок во индиректните разговори со САД

Зеленски: 2.000 украински деца се вратени од руско заробеништво

Петмина млади загинаа во пожар во магацински простор на станбена зграда во Шпанија