Утрински Весник
Свет

Либански Хезболах го номинира Мустафа Адиб за следен премиер

Либански Хезболах го номинира Мустафа Адиб за следен премиер

Шиитска група во Либан, Хезболах, го номинираше Мустафа Адиб за следен премиер, објави шефот на неговиот парламентарен блок, Мохамед Раад, по состанокот со претседателот Мишел Аун, пренесува „Спутник“.

Мустафа Адиб беше назначен за амбасадор на Либан во Германија во јули 2013 година. Тој претходно предаваше право и меѓународни односи на повеќе универзитети во Франција и Либан и му беше советник на поранешниот шеф на владата, Наџиб Микати, за време на неговиот мандат од 2011 до 2014 година.

Либанските медиуми во неделата објавија дека најголемата партија, сунитското движење „Иднина“, со кое претседава Саад Харири, ќе ја поддржи кандидатурата на Адиб за највисоката позиција во владата. Висок шиитски политички извор изјави за „Ројтерс“ дека блокот на Хезболах, движењето „Амал“, на парламентарните консултации ќе го поддржи Адеб за премиер.

Номинацијата за нов премиер во Либан доаѓа откако владата на Хасан Диаб поднесе оставка по разорната експлозија во Бејрут на почетокот од овој месец.

Владата на Диаб се повлече од функцијата кратко време по разорната експлозија во пристаништето во Бејрут на 4 август, при што загинаа најмалку 190 лица и беа повредени повеќе од 5.000 други. Според либанските власти, експлозијата била предизвикана од неправилно складирање на 2.750 тони амониум нитрат.

Либанскиот претседател Мишел Аун, маронитски христијанин и сојузник на Хезболах, ќе треба да го номинира кандидатот со најголема поддршка меѓу пратениците на консултациите денес.

Процесот на формирање на новата влада ќе почне откако ќе се изведе номинацијата и додека не се договори нова влада, владата на Диаб ќе продолжи со работа. Функцијата премиер во Либан мора да му припадне на сунитски муслиман според секташкиот систем за поделба на власта.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме