Соопштение на политичката партија Левица
„Деновиве голем скандал го тресе Медицинскиот факултет при Државниот Универзитет Тетово (ДУТ). Имено, обелоденето беше дека на студентите при Факултетот за медицински науки им предаваат професори чии научни трудови се плагијати.
Италијанскиот весник „Веритас“ во неодамнешен напис открива плагијат и копирање на научни трудови од страна на неколку уважени професори по медицина од Универзитетот во Тетово. Како што се наведува во истражувањето на „Веритас“, станува збор за научни трудови на: Емира Беџети, Неџбедин Беадини, Албулена Беадини, Шеќибе Беадини, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди, Екрем Исмани, кои се очигледен плагијат, во голем дел директно препишан текст без да се наведат извори или пак да делата да бидат наведени во литературата.
Направена е анализа на спорните дела од страна на истражувачи и споредба со оригиналните текстови, при што е утврдено дека научните трудови на овие професори се целосен плагијат. Имено, во овие трудови, професорите-автори имаат украдено буквално цели текстови, во кои променети се само името, презимето и државата каде се објавува.
Ова треба да биде аларм за целата јавност но и за академската заедница, дека во Македонија, додека се наметнуваат квази реформи во образованието, лица објавуваат квази-научни трудови без никаква одговорност и врз основа на тоа се здобиваат со академски звања и остваруваат други придобивки. Она што е најзапрепастувачки е тоа дека вакви лица не само што заземаат улога на педагози тие дури се и професори на високообразовните институции каде предаваат знаења на идни генерации, а некои од нив можеби се и „екпертите“ на кои се повикува министерката за образование Мила Царовска.
Ова не само што го нарушува квалитетот на наставата, туку го доведува во прашање и кредибилитетот на високообразовните институции. Деградацијата на високото образование, недостатокот на контрола, финансиската мотивираност, непотизмот, партиските интереси, антиакадемизам, интелектуална мафија – се само некои од причините кои доведуваат до вакви случувања. Сепак, на крај најоштетени се студентите, кои не го добиват образованието кое го заслужуваат. А кое патем и скапо го плаќаат.
Со цел да го прикрие скандалот, Ректорот на ДУТ го суспендирал Деканот на Медицинскиот факултет д-р Кастриот Хаџиреџа, откако претходно неуспешно се обидувал да изнуди оставка од него.
Левица стои позади ставот дека за професори обвинети за плагијат треба да следи поништување и одземање на академското звање а воедно и престанок на договорот за работа“