Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) лани регистрирала 2.000 нови приклучоци во трите системи за снабдување со топлинска енергија во Скопје. Според Годишниот извештај за работењето на РКЕ во 2019 година, бројот на потрошувачи на топлинска енергија се зголемил на 57.517, од кои над 53.000 се приклучени на системот на БЕГ. Станува збор за рекорден број на корисници на централното парно греење во главниот град во изминатава деценија.
Зголемувањето на бројот на потрошувачи се должи на намалувањето на цената за парно греење и враќањето на интересот за приклучување на дел од граѓаните што се исклучија од трите системи, но и на континуираната изградба на нови објекти што обезбедуваат дополнителни приклучоци во Скопје. И покрај ова, забележително е дека континуирано низок број на приклучени на системот за снабдување со топлинска енергија има во Скопје Север.
Наспроти растот на бројот на корисници на централното греење, она што загрижува во моментов е развојот на дистрибутивната мрежа на топлинска енергија. Како и во изминатите години, должината на дистрибутивната мрежа во Скопје во 2019 година изнесувала 275 километри. Станува збор за бројка која што не е променета, што пак доведува до тоа цели делови од одредени скопски населби да не можат да се приклучат на системите за снабдување со топлинска енергија. Особено е лоша состојбата во Скопје Север, каде должината на дистрибутивната мрежа е само 10 километри. И системот ЕСМ Енергетика располага со топловоди во должина од скромни 38 километри.
Градот Скопје пред две години го основаше АД Градски енергетски ресурси, коешто во иднина би требало да управува и да ја развива токму топловодната мрежа во Скопје. И покрај испратеното барање за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, РКЕ донесе решение со кое ја прекина ваквата постапка во ноември минатата година, по што АД Градски енергетски ресурси поднесе тужба пред Управниот суд против ваквото решение. Од пресудата на управните судии зависи кој ќе управува во иднина со топловодната мрежа во Скопје.
Градските власти веќе појаснија дека планираат инфраструктурно да ги спојат мрежите на трите системи за дистрибуција на топлинска енергија, доколку добијат можност да управуваат со постојната инфраструктура. Ова би значело и обезбедување на иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност за сите граѓани на главниот град.