Утрински Весник
Економија

КХВ со препораки до овластените учесници на пазарот

КХВ со препораки до овластените учесници на пазарот

Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Комисијата за хартии од вредност (КХВ) соопшти дека ги презема сите потребни мерки и активности за обезбедување на заштита на здравјето на граѓаните, обезбедување на континуитет на своите деловни процеси и постојана комуникација со овластените пазарни учесници и целокупната јавност.

Во таа насока, посочуваат, Комисијата за хартии од вредност внимателно ја следи состојбата со оглед на постојаното влијание на појавата на новата вирусна инфекција COVID-19 на пазарот на хартии од вредност и дава препораки до овластените учесници на пазарот.

Од Комисијата наведуваат дека сите овластени учесници на пазарот, вклучително и Берзата и Депозитарот, треба да бидат подготвени да ги применат своите планови за континуитет на работењето во согласност со регулаторните обврски овозможувајќи функционирање на клучните процеси, а истовремено да им се овозможи на вработените работа од дома.

Начинот на прием на налози за тргување е уреден со договор меѓу брокерската куќа/дирекција за работа со хартии од вредност и клиентот. Генерално, доколку технички-технолошки и инфраструктурно е возможно треба да се промовираат електронските налози, како и давање налог по писмен пат, велат од Комисијата.

Во врска со обврските за транспарентност, потенцираат дека издавачите треба да ги обелоденат што е можно поскоро сите релевантни информации во врска со влијанието на COVID-19 врз нивното работење во квалитативна и кванитативна смисла согласно со нивните обврски за транспарентност. Ефектите од оваа ситуација, истакнуваат, зависат од многу фактори кои не се под контрола на издавачите, меѓутоа, прашањето како издавачите планираат да се справат и да одговорат на оваа неизвесност, може да биде значајна информација за одлуката за инвестирање.

Акционерските друштва треба да го модифицираат вообичаеното планирање за одржување на годишнитe собранија на акционери со оглед на мерките за спречување на ширењето на COVID-19. Во случај на веќе закажани собранија, доколку технички е возможно, да се разгледа опцијата за виртуелно одржување на собрание или пак учество по пат на писмена кореспонденција. Ако одржувањето на собранијата со „физичко“ присуство е неизбежна солуција  да се превземат мерки за да се ограничи ризикот за присутните, односно да се консолидираат присуството и гласањето на собранието со што е можно помалку луѓе (имајќи ги во предвид релевантните кворуми за седница и одлучување) преку полномоштва, посочуваат од Комисијата.

Препорачуваат инвеститорите на берзата, како и инвеститорите во инвестицските фондови, своите инвестициски одлуки да ги носат рационално и базирано на релевантни и проверени информации (од финансиска, но и од нефинансиска природа) кои се објавени преку релевантни и проверени канали, во спротивно би дошло до ирационално однесување a со тоа да се мултиплицираат негативните ефекти на моменталната состојба.

Комисијата постојано упатува на тоа дека инвестициите на пазарите на хартии од вредност треба да се анализираат на долг рок и како такви треба да се третираат при носењето на инвестициските одлуки. КХВ со сиот свој капацитет им стои на располагање на овластените учесници на пазарот и на инвеститорите, на кои истовремено им препорачуваме сите прашања и дописи кои се однесуваат на теми поврзани со надлежностите на Комисијата, да ги доставуваат по електронски пат или по пошта, а доколку и двете опции не им одговараат тоа да го сторат во нашата архива која работи секој ден од 9 до 12 часот.  Стручната служба на КХВ и телефонските броеви остануваат активни и достапни на сите овластени учесници на пазарот на капитал и целокупната јавност во редовното работно време од 7:30 до 16:30 часот секој работен ден, стои во соопштението. рп/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025