Утрински Весник
Македонија

Кузеска: Кадри на Груевски и осомничени лица е понудата на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници

Кузеска: Кадри на Груевски и осомничени лица е понудата на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници

Лица обвинети за кривични дела и луѓе блиски на експремиерот Никола Груевски е понудата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за овие претстојни локални избори, истакна на прес-конференција, порпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа обвинува дека станува збор за луѓе кои не можат да понудат ништо освен деструкција и враќање на режимот, а Мицкоски лажно ги претставува како чесни и нови лица.

Еден од нив, како што рече Кузеска, е и актуелниот градоначалник и кандидат на Мицкоски за општина Петровец, против кого е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Во медиумите се појавија и натписи за сомнителното минато и на кандидатот за градоначалник во Гази Баба, Бобан Стефковски, додава Кузеска.

„До денес, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не одговорија дали е точно дека Стефковски, во 2002 и 2003 во два наврати бил притворен поради неовластено производство на опојни дроги. Во јавноста постојат и документи дека кандидатката на општина Крушево, Билјана Проеска, е осудувана во 2015 година на условна казна затвор поради фалсификување исправа. И за ова, Мицкоски се уште молчи и нема одговор. Пресуда со условна казна има и кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски за учество во тепачка. Христијан Мицкоски и натаму молчи. Ете ја почитувани понудата на Мицкоски за овие избори. Тоа е понуда со која Мицкоски ги потценува граѓаните од кои треба да ја бара довербата“, рече Кузеска.

Како што додаде, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги очекува нов убедлив пораз на локалните избори, бидејќи граѓаните не сакаат и нема да дозволат нечесни и неодговорни кадри да ги водат општините.

Можете да прочитате

Данела до амбасадорката Агелер: „Не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции“

Изет Меџити заложник на индустријата за игри на среќа, да ја запре еколошката катастрофа на Кожув, бара АА

Почнува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот