Утрински Весник
Култура

„Крик за љубов“ на Охридско лето – комедија на карактери натопена со романтична љубов и среќен крај

„Крик за љубов“ на Охридско лето – комедија на карактери натопена со романтична љубов и среќен крај

Фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ ја донесе театарската претстава „Крик за љубов“ според текст од Жозиен Баласко, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски низ која провејуваа две теми, театарот и љубовта.

Актерите на Народниот театар Охрид всушност одиграа претстава во претстава, глумејќи како се создава еден театарски производ, од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата, притоа, пренесувајќи ѝ ја на публиката пораката дека уметноста и љубовта, поточно убавото, победува секогаш.

„Првпат играм во претстава со ваков концепт, што би рекле претстава во претстава, и многу беше интересно. Секогаш велам дека публиката е секогаш љубопитна и сака да ѕирне што се случува зад кулисите, како актерите буквално се фрлаат во оган за да се создаде еден театарски производ“, вели актерката Адријана Тодороска која ја глумеше улогата на Жижи Ортега.

„И покрај овие комплексни времиња мислам дека успеавме да ѝ подариме на публиката на „Охридско лето“ убава претстава. Генерално, пораката е дека љубовта и уметноста умеат да ги трансформирааат и најголемите конфликти во една позитивна работа“, појаснува актерот Никола Тодороски кој го глумеше Иго Мартиел, поранешен сопруг на Ортега.

Актерот Горан Стојаноски беше агентот Силвестер кој ги лаже актерите на сцената, но само заради доброто на претставата, за да излезе добар производ со задоволни актери и задоволна публика.

„Во принцип е добро да се види дека готовите производи не треба да се земат здраво за готово, туку како и во секоја друга професија, внатре се случуваат сериозно тешки работи за да може да се дојде до производот. Но ако ја сакаш работата, на крај ќе излезе сѐ добро“, вели Стојаноски.

Според актерот Ивица Цонев кој во „Крик за љубов“ играше режисер, ваквиот тип на претстава е добра поука за актерите зашто како што вели, тие често не забележуваат како изгледаат од страна додека подготвуваат претстави.

„Разликата помеѓу режисерите и глумците можеби изгледа незначителна, но суштински е навистинаа голема. Се обидовме да се играме самите себеси и сето она што се случува во еден работен процес. Од друга страна, колку интересно за нас, толку и провокативно истовремено затоа што многу често не си даваме сметка како изгледаме од страна дури поминуваме преку еден работен процес“, додава Цонев.

Текстот „Крик за љубов“ на Охридско лето – комедија на карактери натопена со романтична љубов и среќен крај е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“