Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој по тестирањето за Ковид-19 не се самоизолирал додека го чекал резултатот туку се појави на прославата на Водици.
Од МВР велат дека кривичните пријави против охридскиот градоначалник, ни и против секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, до Обвинителство се поднесени денеска.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ’непостапување според здравствените прописи за време на епидемија’, СВР Охрид до надлежното Обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид.
Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на коронавирус и наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник Богојавление – Водици одржана во Охрид“, соопштија од МВР.
Градоначалникот Кирил Пецаков веќе изјави дека не се изолирал оти се тестирал за зимување во Банско, Бугарија, а по два дена го повторил тестот и добил негативен резултат, но и покрај тоа го почитувал добиеното решение за изолација и не заминал на зимување.
Секретарот Александар Китески, пак, кој се тестирал заедно со градоначалникот и тој добил позитивен резултат, а подоцна и негативен, изјави дека се сомнева дека некој им ги подметнал позитивните тестови.