Кога вечерва во Португалија на теренот ќе истрчаат Пари Сен-Жермен и РБ Лајпциг, борбата ќе биде за место во финалето на најелитното клупско натпреварување на светот, Лигата на шампионите, но и уште еден доказ дека „парите го вртат светот“.
Францускиот шампион и третопласираниот тим од германската Бундеслига, секако, стигнаа до ова полуфинале без контроверзи и со својата фудбалска сила, меѓутоа, начинот на кој стигнаа до овие „височини“ за многу фудбалски „традиционалисти“ е само показател за сè што не чини во фудбалот.
Од една страна тука е Пари Сен-Жермен, клубот од француската престолнина кој беше трансформиран од милијардите на катарските ѕвезди, а од друга страна тимот кој Ред бул го трансформираше и го навлече бесот на германските навивачи.
КРИЛЈА!
Ред бул, австриската компанија за производство на енергетски пијалоци која направи „бум“ во Формула 1, во 2009 година го откупи германскиот петтолигаш ССВ Маркранштад, откако сите други опции предизвикаа отпор од навивачите.
Лајпциг беше идеален дом за проектот на Ред бул – голем град во поранешна Источна Германија без прволигашки фудбал, како ривал на традиционалните големи имиња во Бундеслигата, во прв план Баерн Минхен и Борусија Дортмунд. Откако Бундеслигата не им дозволи да го крстат тимот Ред бул Лајпциг, тие најдоа „елегантно“ решение – „RasenBallsport Leipzig“, но огромното лого на градите не остава на сомнеж што точно значи РБ.
Германците ги обвинуваат Ред бул дека го „кршат“ правилото „50+1“, односно дека членовите на тимот (односно фановите) мораат да имаат мнозинство од акциите во тимот. Во Ред бул, помалку од 20 луѓе, сите поврзани со Ред бул, ги имаат акциите во клубот. Ова придонесе тимот да биде нарекуван „најомразениот во Германија“.
ПЕТРОДОЛАРИ!
Од друга страна вечерва ќе го имаат Пари Сен-Жермен, клуб со далеку поголемо европско педигре, но и клуб кој беше трансформиран од според многу француски фанови, недозволено фрлање на евра.
Qatar Sports Investments (QSI), државната компанија од блискоисточната земја, во 2011 година пристигна во Париз со големи амбиции, кои полека се остваруваат. Покрај фудбалскиот успех, ПСЖ е несомнено проект на една држава да добива политички поени преку спортот.
Слична ситуација е и во Манчестер сити, англискиот премиерлигаш во сопственост на државни компании од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), што според многумина донесе до ситуација во која фудбалските клубови служат интереси на одредени држави, во необична геополитичка игра.
Досега низ парискиот клуб протекоа над милијарда евра, а клубот ги плати и двете најголеми суми за еден фудбалер, кои тешко ќе се срушат – Нејмар и Килијан Мбапе.
До пред овогодишното натпреварување, ПСЖ имаше три порази во осминафиналето, а претходно три порази во четврт-финалето, што според многумина беше доказ дека „парите не го купуваат фудбалот“, но оваа сезона може да биде многу поинаку. Парите, очигледно, се многу важни во фудбалот…
> Кој вели дека парите не го „вртат“ фудбалот? Вечерва: Ред бул контра Катар <