Утрински Весник
Македонија

Коцевски: Состојбата во Велес е добра, нема регистрирано новозаболени од Ковид-19

Коцевски: Состојбата во Велес е добра, нема регистрирано новозаболени од Ковид-19

Велес, 23 април 2020 (МИА) – Состојбата во Велес е добра и соодветно се постапува, а во текот на изминатото деноноќие нема регистрирано новозаболени од коронавирусот. Ова е констатација на Општинскиот штаб за заштита и спасување, која денеска ја соопшти градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Тој информира и за спроведувањето на претходно донесените мерки и активности за заштита од ширење на коронавирусот во Општина Велес.

Коцевски појасни дека Центарот за јавно здравје продолжува со вообичаената работа и постапка за земање брисови, а направени се дополнителни инспекциски контроли, како и четири дезинфицирања на маркетот „Кит-Го“, како мерки за заштита.

Во ЈЗУ Општа болница – Велес, згрижени се 22 болни лица, од кои еден пациент е со потешка клиничка слика. Во Здравствен дом двајца се сè уште во изолација.

Од МВР – СВР Велес сме известени дека велешанки и велешани ги почитуваат законските прописи кои важат за овој период. Со помош на ЈКП „Дервен“, Територијалната противпожарна единица – Велес, вработените во ЈП „Парк – спорт” и волонтерите од ОО на Црвен крст – Велес, општината добро се справува со состојбата и за сега нема потреба да бараме помош и поддршка од припадниците на Армијата. Но доколку навистина имаме потреба од асистенција, Армијата стои на располагање, истакна Коцевски.

Тој потенцираше дека Градскиот пазар е добро организиран и дека 80 проценти од отворените пазари во државата се затворени.

Но, Општина Велес презема добри мерки за претпазливост и за организирање на работата на пазарот и дека на ист начин ќе продолжи со работа пазарот и во наредниот период, најави Коцевски.

Тој информира дека е завршена е дезинфекцијата на скоро сите станбени згради, континуирано се врши дезинфекција на јавно-прометните површини, се чистат дивите депонии во градот, се врши дезинфицирање на населените места, а непрекинато со дотур на вода за пиење се снабдува населеното место Сопот“.

Градоначалникот информираше дека мобилните екипи на ОО на Црвен крст – Велес континуирано работат и се на терен за потребите на жителите. Извршени се 12 набавки за лекови и храна, осум асистенции за психосоцијална помош се пружани, распределбата на хуманитарните пакети се врши со поддршка на волонтерите на ОО на Црвен крст – Велес, како и со волонтерите и возилата на ОЈУДГ „Димче Мирчев”. Додека пак „Хабитат Македонија” и Црвен Крст на државно ниво обезбедија хуманитарни пакети наменети пред сè за социјално ранливите категории граѓани од Ромската етничка заедница. Лекарот – волонтер интервенирал во два случаи.

Велешанки и велешани ја потврдија својата хуманост на неодамнешната крводарителска акција при што 63 крводарители даруваа крв, а тоа е повеќе од очекуваното, истакна градоначалникот и воедно изрази благодарност во името на сите жители на Општина Велес.ад/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Пет лица повредени во сообраќајка кај Зајас

Малолетници без возачка возеле мотоцикли без ознаки, не застанале на знак за сопирање

Човечки труп пронајден во Вардар кај Демир Капија