Бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на „Еуростандард банка“ го обвинува Управниот одбор за пропаѓањето на банката.
Тој на денешната прес-конференција, заедно со неговиот син најавија дека правдата ќе ја бараат надвор од земјава.
„Ќе одиме пред сè во арбитража, каде што доколку го добиеме спорот што ќе го отвориме понатаму, средствата ќе бидат наменети за нашите коминтенти“, најави Коста Костовски.
Трифун Костовски ситуацијата ја опиша како кога „за кило месо, убиваш вол“.
„Нашата вина ја лоцираме во изборот на Управниот одбор, не пренесоа жедни преку вода, нè наместија“, рече Костовски.
„А какви можеме да бидеме на пазарот, кога една година сме комплетно блокирани да работиме со правни и приватни лица. Преку ‘Еуростандард’ и така блокирана, 26 отсто од вкупниот платен промет се одвиваше преку таа банка заедно со Македонски пошти“, рече Костовски во изјавата за медиумите.