Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Земјава мора да воведе построги прописи и да го зајакне инспекцискиот надзор ако сака да се справи со бесправната сеча и нелегалната трговија со дрво, беше речено на денешната регионална конференција на која претставници од Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, вклучително и Северна Македонија, дебатираат за справувањето со овој глобален проблем.
Вкупно 27.409 метри кубни од македонските шуми се бесправно исечени во 2019 година, а поднесени се 602 пријави од кои 518 прекршочни и 84 кривични. Од друга страна, произведени се 93.450 метри кубни техничко и 410.467 метри кубни огревно дрво или вкупно 503.925 метри кубни.
Овие последни податоци укажуваат дека дивата, бесправна, нелегална сеча е се уште најголемиот проблем за шумите. Но, со него не се соочуваме само ние, туку предизвикот е светски, во глобални рамки.
Државите од регионот, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, вклучително и Северна Македонија, на регионална конференција во Скопје разменуваат информации, искуства, знаења и практики во насока на надминување или барем ублажување на проблемот со нелегалната сеча и трговијата со дрво и дрвна маса.
Заеднички е ставот дека за интегрална заштита на шумите, потребен е целосен, интегриран пристап на сите засегнати страни.
Како што беше речено на конференцијата, ЕУ лани обезбеди грант од 1,3 милиони евра за проект кој треба да го зајакне управувањето со шумарскиот сектор во Севрна Македонија. Проектот ќе почне да се имплементира во втората половина од 2020 година.
– Постојаното намалување на светскиот фонд на шумите и шумските предели е еден од најголемите еколошки проблеми, со сериозно негативно влијание врз климата, здравјето на луѓето, животинската популација и економијата. Неконтролираното сечење дрвја е најголемата закана за шумите, ја намалува популацијата на дивите животни и придонесува за се почести природни катастрофи, поплави и свлечишта, истакна министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Тој уште укажа на неопходноста од приспособување на македонското со европското законодавство во секторот шуми.
Според заменик – министерот за животна средина, Јани Макрадули, земјава мора да го зајакне инспекцискиот надзор и да воведе построги прописи во шумарството. Во справувањето со дивата сеча и нелегалната трговија со дрво и дрвна маса, мора да се вклучат многу институции, меѓу кои и МВР и судството.
-Користењето огревно дрво е една од најчестите причини за загадување на воздухот. Ако успееме да ги заштитме шумите од незаконската сеча, тоа ќе придонесе и за намалување на загадувањето, потенцира Макрадули и додаде дека проектот поддржан од ЕУ го промовира новиот пристап, т.н. зелен дил.
Конференцијата ќе трае и утре, а учествуваат претставници и експерти од регионот и ЕУ. мч/скс/