Преку видео-седница беше конституиран Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП на Република Северна Македонија) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020. На он-лајн средбата учествуваа 36 претставници од институциите, граѓанските организации, меѓународните организации, меѓу кои членовите на Советот.
Отворено владино партнерство е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Како што кажа Сандра Пернар, регионална координаторка на ОВП за Европа, земјава во следните три години ќе биде модел за ОВП за земјите во регионот.
Советот е составен од 14 члена со еднаков број членови од институциите и од граѓанското општество, и ќе биде управуван од еден претставник од органите на државната управа и еден од избраните претставници од граѓанските организации (двајца ко-претседатели), што ќе биде прв ваков модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.
Конститутивната седница ја отвори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој потенцираше дека Советот ќе има значајна улога и на структуриран начин ќе го максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, преку вклучување релевантни партнери во дискусијата и овозможување да се слушнат гласовите на сите.
Манчевски истакна дека во изминатиот период беше постигнат успех за проширување на оваа иницијатива и во рамките на Собранието.
-Се надеваме дека ќе успееме во ова за да можеме да кажеме дека оваа иницијатива ќе може да ја препознаеме како Партнерство за отворена власт – рече Манчевски.
На седницата се обрати и Сандра Пернар, регионална координаторка на ОВП за Европа, која упати честитки за официјалното воспоставување на Советот и укажа на успесите на Република Северна Македонија во рамки на меѓународната ОВП иницијатива, во поглед на унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите, како и нивото на соработка меѓу властите и граѓанското општество, што го покажува и воспоставувањето на Советот.
-Препознаениот потенцијал на Република Северна Македонија придонесе таа во наредните три години да биде земја во фокусот на меѓународната иницијатива за ОВП и со своите амбициозни заложби и партнерство на засегнатите страни да послужи како модел за земјите во регионот. ОВП во овој период се фокусира на одговорот и опоравувањето од кризата и последиците од неа, за што развива модели, препораки и форуми за поддршка во развивањето на мерките на сите земји – членки за справување со предизвиците од пандемијата – порача Пернар.
Бардил Јашари од Фондацијата Метаморфозис ја модерираше свечената конститутивна видео седница и ја истакна важноста на ОВП и формирањето на Советот. Тој рече и дека отвореното, транспарентното и инклузивното работење на сите засегнати страни во овој процес ќе создаде поддршка од заедницата за отворената власт да се крене на највисоко ниво во политичкиот дискурс во земјата.
Во рамките на Проектот за граѓанско учество на УСАИД, Метаморфозис ќе развие онлајн платформа која ќе користи за информирање, консултации, следење и размена на знаења меѓу сите вклучени страни во ОВП – институциите, граѓанските организации, граѓаните, Советот, мрежата на НВО за ОВП; а истовремено ќе понуди интернет алатки за комуникација и координација во развивањето на новиот АП за 2020-2022 година.
Воедно платформата ќе овозможи и директно вклучување на сите заинтересирани страни во активностите за имплементација на Отвореното владино партнерство во земјата. Дополнително, Метаморфозис ќе организира тематски средби низ целата држава за вклучување на што поголем број на граѓани и НВО во процесот на ОВП.