Утрински Весник
Економија

Комисија за хартии од вредност: Заради измама трајно му се одзема дозволата на „Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент “

Комисија за хартии од вредност: Заради измама трајно му се одзема дозволата на „Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент “

Комисијата за хартии од вредност на итна седница поради измамнички и манипулативни дејствија донесе Решение со кое трајно му ја одзема дозволата на друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, чиј управител е Виктор Мисовски, соопштија од Комисијата.

Од таму информираат дека трајно му ја одземаат дозволата за работење и на лицето Дејан Делимитов, кој е овластен инвестиционен советник во друштвото.

Објаснуваат дека управителот на друштвото Виктор Мисовски противзаконски преправал оригинална исправа и таквата исправа ја употребувал како вистинска, со што има основано сомневање дека сторил кривично дело фалсификување на исправа.

Истовремено, друштвото не ја одржувало основната главнина и потребните ликвидни средства во секое време, што е негова обврска согласно член 149 од Законот за хартии од вредност. Исто така, друштвото склучувало договори за непосредно управување со портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на индивидуален клиент за што нема дозвола од Комисијата, со што го прекршило член 172 од Законот за хартии од вредност и се вклучило во активности со кои ги доведувало во заблуда клиентите или пак имаат за цел нивна измама.

„Со цел да му се оневозможи на друштвото да прима нови уплати на парични средства, како и заради заштита на правата и на правните интереси на клиентите со веќе склучени договори, Комисијата за хартии од вредност донесе и Решение за замрзнување на парични средства на сметките на друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје во банките и во другите финансиски институции“, известуваат од Комисијата.

Од таму додаваат дека за утврдените злоупотреби извршени од Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, комисијата ги известила надлежните органи.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска за ВОА: Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика ќе има во втората половина од годинава

Битиќи: Над 180 милиони евра поддршка за домашните компании во наредните четири години

Вицегувернерката Митреска: Трендовите се поволни, но Народната банка и натаму е претпазлива во носењето на монетарните одлуки поради присутните ризици