Утрински Весник
Македонија

Колку е можен слободен проток на патници и стоки во Западен Балкан без заеднички гранични премини?

Корона кризата удри и по извозот, за пет месеци регистрирано намалување од 27,4 отсто

Меѓу Скопје и Приштина се патувало за околу еден и пол час не само денес по новиот автопат „Арбен Џафери“, туку и во 80-тите години на минатиот век со воз. Тогашниот експресен воз „Акрополис“ во 1987 година ја минувал оваа дестинација меѓу Косово Поле и Скопје за 1 час и 29 минути, а со сите други возови меѓу главните градови на Северна Македонија и Косово тогаш се патувало за помалку од 2 часа. За разлика од пред повеќе од три децении, возот меѓу Скопје и Приштина денес ја минува идентичната дестинација за 2 часа и 50 минути, а и тој не сообраќа редовно.

Ваквата катастрофална состојба со бавното движење на возовите во реалноста е многу далеку од владините ветувања за брзо минување на границите само со лична карта меѓу земјите од Западен Балкан, како и идејата за воспоставување на заеднички регионален пазар, која што беше крунисана на регионално ниво со потпишување на декларација на оваа тема на лидерскиот Самит во рамките на Берлинскиот процес во Софија.

Европската комисија и во последниот Извештај за напредокот на нашата земја кон ЕУ за 2020 година со критики кон владите од регионот, вклучувајќи ја и нашата. Договорите и протоколите за граничен премин не се финализирани, а договорот за прекугранична железничка соработка со Грција треба допрва да се потпише, додека оној со Косово треба да се спроведе во целост, се нотира во Извештајот на ЕК. Формирањето на заеднички железнички гранични премини, кои ќе го скратат времето за транспорт на патници и стоки е исто така далеку од реализација, иако и за ова се потпишани договори со Косово и Србија, на кои им требаат години за да се спроведат во реалноста.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека Договорот за прекугранична соработка во железничкиот сектор со Република Грција како предлог-текст веќе е во постапка за усогласување со Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција. Сепак, нема одговор од нивна страна кога би се потпишал ваквиот договор.

Во однос на договорот за прекугранична соработка во железничкиот сектор со Косово, тој е потпишан во 2012 година, но има потреба од потпишување на протоколи помеѓу Граничната полиција, Царинската управа, Инспекциските служби, Ветеринарните служби и инфраструктурните и транспортните компании меѓу двете земји. Од оваа причина, тој договор веќе осма година не е финализиран, а нема ништо и од изградбата на заеднички железнички граничен премин во Елез Хан, со кој на едно место би се вршела гранична и царинска контрола на патници и стоки што се превезуваат со возовите.

Земјава најдалеку отиде во имплементацијата на идејата за заеднички железнички граничен премин со Србија, каде веќе е изготвена проектната документација за новиот објект од 2.500 метри квадратни што ќе се наоѓа до железничката станица „Табановце“ и за пристапниот пат до идниот објект. Но, и во овој случај, спогодбата меѓу двете земји беше потпишана во 2015 година, со рок за нејзино завршување до 2021 година, којшто пак се помести за крајот на 2023 година. Веќе една година се чека одговор од Европската банка за обнова и развој дали таа ќе ги обезбеди неопходните 2,5 милиони евра за овој проект. Досега се обезбедени средства во висина од 2,7 милиони евра преку Инвестициската рамка од Западен Балкан за идниот објект во Табановце.

Последната информација од Министерството за транспорт и врски е дека докомплетирањето на финансиската конструкција за овој проект е во надлежност на Министерството за финансии. И додека институциите меѓусебно си ги префрлаат надлежностите, возовите меѓу Северна Македонија, Косово, Србија и Грција ќе патуваат по возни редови коишто не само што не одговараат на европското секојдневие за слободно движење на патници и стоки, туку потсетуваат единствено на времето потребно за патување на Балканот од деветнаесеттиот век.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките