Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Ковачевски: Борбата со дезинформациите е заедничка одговорност и бара мулти-секторски пристап

Img 7972

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски се обрати на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, организирана од Метаморфозис.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралното видео обраќањето на премиерот:

„Со особено задоволство ја прифатив поканата да ви се обратам на отворањето на оваа конференција. Заради мојата интензивна агенда во овој период не сум во можност непосредно да бидам заедно со вас за ова исклучително важно прашање, но ве уверувам дека сите препораки од конференцијата јас и Владата ќе ги земеме како суштински придонес во остварувањето на нашата заедничка цел. Да изградиме мулти-секторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите.

Да дадеме наш придонес и поддршка во обединувањето и заедничкиот ангажман на државните институции, медиумите, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор, затоа што ова прашање е наша заедничка одговорност.

Заедничка е затоа што дезинформациите имаат за цел да ги поткопаат и да ги стават под сомневање сите демократски вредности на кои е изградено нашето општество.

Демократскиот свет е под постојан напад од пропагандни центри чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни.

Владата застанува одлучно во спротиставувањето на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите.

Нашите темелни вредности во оваа битка се вистината и максималната транспарентност, како и систем за брзо разобличување на лагите со цел да се оневозможи натамошно ширење на дезинформациите.

Во делот на легислативата со измените во казнувањето за кривични дела поврзани со говор на омраза испративме сериозна порака до дезинформаторите чија цел е да поттикнуваат омраза.

Сакам да завршам со тоа што ќе истакнам дека мора да бидеме свесни дека битката со дезинформациите нема да заврши брзо. На сите нас треба да ни биде јасно дека нашиот пристап и одговор треба да бидат постојано унапредувани за да ги следат сите иновации на регресивните сили.

Затоа порачувам во мое име, и во име на Владата, дека остануваме партнери и активни учесници во оваа наша битка во справување со дезинформациите.

Оваа конференција, во која активно учествуваат и претставници на владините институции, ја сметам за голем придонес во оваа наша заедничка мисија и ви посакувам успех во нејзината реализација“, истакна премиерот Ковачевски.

Можете да прочитате

Игнорирани и понижени – медицинските сестри бараат објаснување од Министерството за здравство

Филипче: Цените се надвор од контрола, затоа власта спинува со некакви куфери со пари

Кривична пријава за скопјанец за сторено кривично дело „убиство во обид“